Цената на нафтата на светските берзи се зголеми за 10 отсто, при што американскиот претседател Доналд Трамп нареди отворање на нафтените резерви со цел стабилизирање на пазарот на енергија.
– Поради нападот врз Саудиска Арабија, што може да влијае врз цената на нафтата, наредив пуштање на нафта од стратешките нафтени резерви, доколку е потребно, во обем што е доволен за снабдување на пазарот – напиша Трамп на Твитер.
Нафтата поскапе за скоро 10 отсто утрово по отворањето на берзата. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД се подготвени „како пушка“ за потенцијален одговор на нападот врз нафтените постројки на Саудиска Арабија и дека Вашингтон претпоставува кој стои зад нападот врз саудиските нафтени објекти и се подготвени за одлучувачко дејствување, но дека се чека потврда од Ријад.
Ноќта меѓу петокот и саботата, десет беспилотни летала нападнаа две саудиски нафтени постројки во сопственост на државната компанија „Сауди Арамко“. Нападот предизвика намалување на понудата од пет милиони барели на ден на пазарот на енергија.
Одговорноста за нападот ја презедоа јеменските Хути, но Вашингтон смета дека Техеран стои зад сè.