Венецуела во вторникот доби 25 тони хуманитарна помош од Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), изјави министерот за здравство Карлос Алварадо, пренесува „ТАСС“.
– Заедно со оваа испорака, обемот на помошта обезбеден од МКЦК изнесува 48 тони. Заедно со лековите и хируршките материјали доставени од Русија и Кина, обемот на хуманитарна помош изнесува 569 тони. Ова ни помага да ја надминеме блокадата наметната од САД – рече Алварадо.
Тој претходно истакна дека МКЦК обезбедува хуманитарна помош за Венецуела на секои две-три недели.
На 16 април, првата испорака од МКЦК пристигна во Венецуела од Панама со 24 тони хуманитарен товар. Пред тоа, Русија достави во Венецуела околу 7,5 тони лекови, медицински инструменти и опрема.
Венецуела минува низ социјално-економска криза во последните неколку години, придружена со хиперинфлација и девалвација на валутата. Оваа година ситуацијата е дополнително комплицирана од ескалацијата на конфронтацијата помеѓу владата и опозицијата.