Во изминатите неколку месеци државите низ САД донесоа нови закони со кои на жените им се отежнува, а некаде и во целост им се оневозможува да ја извршат процедурата на абортус, објави Си-ен-ен.
Поради тоа, сопственичката на хотелот „Јејл“, Шели Обрајан, кој се наоѓа во мал истоимен град во Мичиген, им понуди на сите кои поради таа постапка патуваат надвор од државата, да дојдат во Мичиген и бесплатно да се сместат во нејзиниот хотел.
– Драги сестри од Алабама, Охајо, Џорџија, Арканзас, Мисури или која било друга држава која ги применува законите со кои се ограничува можноста за абортус, знам дека не можеме ништо да направиме за да се постапува подобро со вас во вашата држава. Но ако успеете да стигнете до Мичиген, ви нудиме неколку бесплатни ноќевања и превоз од и до амбулантата – напиша Обрајан.
Во последните неколку месеци Алабама во целост го забрани абортусот, додека другите сојузни држави, вклучително и Џорџија, Луизијана, Мисисипи и Охајо, донесоа закони со кои се забранува абортус откако ќе се откријат отчукувања на срцето на фетусот, што всушност е многу рано во бременоста на многу жени кои во тоа време и не знаат дека се бремени.