Како дел од новата стратегија, Низоземска ќе биде официјалното име на Холандија на Евровизија во мај

Гардијан

Автор: Даниел Бофи

Холандската влада одлучи државата повеќе да не се именува како Холандија, туку ќе го користи вистинското име Низоземска (Недерланд) како дел од обидот да ја подобри светската слика за себе.

Националното ребрендирање, кое беше потпишано од страна бизнисмените, туристичкиот одбор и централната влада, ќе биде претставено на крајот од оваа година. Министрите сакаат да го променат меѓународниот фокус од одредени аспекти од традиционалниот живот по кој е позната државата, како што е културата на рекреативна употреба на дроги и „црвените фенери“ во Амстердам.

Како дел од новата стратегија, Низоземска ќе биде официјалното име на државата на изборот за песна на Евровизија кој ќе се одржи в мај догодина во Ротердам и за време на Олимписките игри што ќе се одржат во Токио. Фудбалската репрезентација, која го користи името Холандија за надворешна употреба, на секој официјален натпревар ќе се нарекува само Низоземска.

Портпаролката на министерството за надворешни работи изјави дека на Низоземска ѝ треба поуниформирано и коордирнирано национално брендирање. Во соопштението се вели дека „сакаат Низоземска да ја претстават како отворена, инвентивна и инклузивна држава и затоа го модернизирале нивниот пристап. Она што е посебно е постигнувањето на договор со релевантните партии од владата, холандскиот туристички одбор и приватните организации, како највисоките сектори и Конфедерацијата на холандска индустрија и работодавци за сликата на Низоземска што сакаат да ја претстават пред светот на суштински и недвосмислен начин“.

Портпаролката истакна дека владата преземала пријателски и прагматичен пристап кон името со цел да го подобри извозот, туризмот, спортот и да ја шири „холандската култура, стандарди и вредности“. Таа соопшти дека „било договорено да се претпочита името Низоземска како официјално име на државата“. Северна и Јужна Холандија се провинции на западниот брег на државата. Од 10-тиот до 16-тиот век, Холандија била еден политички обединет ентитет и под власта на холандските грофови. До крајот на 17-от век, таа била доминантен дел од тогашната Холандска Република. Кралството на Низоземска, чие име потекнува од самиот збор ниска земја, произлегло од поразот на Наполеон во битката кај Ватерло во 1815 година.

На почетокот од годинава, холандското туристичко биро соопшти дека ќе го пренасочи своето внимание од промовирање на Холандија како целина кон промовирање на помалку познатите делови од државата.

До 2030 година се проценува дека годишно земјата ќе ја посетат околу 42 милиони туристи, од кои 18 милиони туристи имаше само лани. Најпознатите атракции во Амстердам се главниот фактор поради кој има многу жалби за големи гужви во главниот град.

Превод: Билјана Здравковска