Граничната агенција на ЕУ (Фронтекс), чие седиште се наоѓа во Варшава, значително го зголемува бројот на граничари и припадници на крајбрежната стража, кој од сегашните 750 лица до 2027 година треба да достигне 10.000 лица. Покрај борбата против прекуграничниот криминал и тероризам, организацијата има клучна улога во справувањето со едно од најпроблематичните прашања со кое се соочува Унијата – миграцијата, наведува „Политико“.
– Немаме војска, но ќе имаме цивилни сили што носат европска униформа. За некои од функциите тие ќе носат оружје – изјави Фабрис Легери, директорот на Фронтекс.
Драматичното засилување на редовите на Фронтекс, што беше договорено од претходното лидерство на ЕУ, е резултат за наоѓање компромис околу спорното прашање, што значително го оптовари блокот во текот на мигрантската криза во 2015 година. Лидерите на Унијата се поделени околу тоа дали мигрантите и барателите на азил треба да бидат дистрибуирани низ Унијата или да останат во земјата каде што прво пристигнале, но тие се согласни дека границите на блокот треба да бидат добро заштитени.
Легери нагласува дека заштитата на надворешните граници на ЕУ ќе биде споделена одговорност со земјите-членки. Тој укажува дека и понатаму ќе има многу повеќе национални граничари, вкупно 115.000, отколку припадници на Фронтекс.
– Ќе имаме десет пати повеќе национални граничари отколку постојаниот состав на Фронтекс – истакнува Легери.
Членовите на овој корпус, од кој 3.000 ќе бидат вработени во Фронтекс, а остатокот е национален персонал, ќе може да се распоредат во членка на ЕУ и ќе имаат извршна моќ, како што е спроведување гранични контроли. Но тие секогаш ќе мора да добијат согласност од земјата-домаќин, вклучувајќи ја и согласноста за употребата на сила и оружје. Легери исто така додава дека Фронтекс значително зајакна и на финансиски план, откога застана на чело на агенцијата во 2015 година. Па, така, буџетот е зголемен од тогашните 96 милиони евра на 340 милиони.