Францускиот претседател, Емануел Макрон, објави дека припадниците на француската војска го убиле водачот на Исламската држава во Сахара, Аднан Абу Валид ал Сахрави.
Макрон на „Твитер“ оцени дека тоа е уште еден голем успех во борбата против терористичките групи во Сахел, област помеѓу Сахара на север и суданската савана на југ.
Тој не ја откри локацијата каде е извршена операцијата, пренесува „Ројтерс“.
Сахрави беше водач на Исламската држава во Сахел и Западна Африка, а во 2017 година, неговата група изврши смртоносен напад врз американски војници, потсетува кабинетот на Макрон во соопштението.
Сахрави, како што се додава, лично наредил убиство на шест француски хуманитарни работници и нивниот возач, нигериски државјанин.