Францускиот премиер Едуар Филип изјави дека 89.000 припадници на безбедносните сили утре ќе бидат распоредени ширум земјата, за кога се најавени протести на „жолтите елеци“.
Според него, од 89.000 припадници на безбедносните сили, 8.000 ќе бидат распоредени во Париз, а ќе бидат распоредени и оклопни возила.
– Се соочуваме со луѓе кои не се тука за да протестираат, туку за да кршат, и сакаме да се снабдиме со средства кои ќе ги спречат да дивеат – рече Филип.
Француските демонстранти вчера ја поздравија одлуката на претседателот Емануел Макрон, кој се откажа од зголемување на данокот за гориво планирано за следната година, но истакнаа дека можеби тоа не би било доволно за да се смири гневот на јавноста.
– Мислам дека одлуката е донесена предоцна – изјави портпаролката на Жолтите елеци, Жаклин Муро.
Таа додаде дека сега различни протестни групи ќе одлучуваат за понатамошните чекори, но оцени дека е многу веројатно дека ќе продолжат со протестите.
Антивладините протести, кои почнаа минатиот месец поради зголемување на данокот на горивата, прераснаа во протести од големи размери и гнев против Макрон.