Европската Унија и нејзините држави-членки прават многу за поддршка на економскиот и социјален развој на Западниот Балкан, па оттука очекуваме земјите од Западниот Балкан исто така да го докажат својот ангажман во три области, истакна францускиот претседател, Емануел Макрон во Софија на самитот.
Прво, како што рече тој, од суштинско значење е земјите од Западен Балкан да ја зајакнат својата соработка. Второто очекување на Унијата е земјите кои го сочинуваат овој регион да ги забрзаат структурните реформи со акцент на фундаменталните реформи како што се правната држава и економското владеење. Неопходно е да се постигне напредок во овие области за да се приближи регионот кон Европската Унија, вели Макрон.
Во третото барање тој се осврна на борбата против тероризмот.
„Трето, неопходна ни е поддршката на земјите од Западен Балкан за да ни помогнат подобро да се бориме против тероризмот. Додека опасноста станува се’ поголема, како во Европската Унија, така и во регионот на Балканот, зајакнатата соработка и јасните пораки испратени до нашите општества ќе бидат од заеднички интерес за сите нас“, вели францускиот претседател.
Макрон го честита усвојувањето на Зелената агенда за Западен Балкан, по моделот на Зелениот пакт на Европската Унија и посочи дека тоа е знак оти регионот го присвојува ова прашање и претставува придонес кон приоритетните напори на Европската Унија во борбата против климатските промени и за заштита на животната средина.
„Зелената програма за Западен Балкан ќе помогне во ослободувањето на економскиот потенцијал на зелената економија во регионот и истовремено ќе овозможи подобра примена на Парискиот климатски договор. Ние сме подготвени да му помогнеме на Западниот Балкан во борбата против климатските промени“, додаде Макрон.