Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејен, го поздрави планот на Словенија да се фокусира на односите со Западен Балкан за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ.
Таа пред Европскиот парламент во Стразбур оцени дека Словенија е мост кон Западен Балкан и ја поздрави организацијата на самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој Словенија ќе го организира во октомври.
– Убедена сум дека овој самит ќе испрати важна порака до земјите од регионот. Порака дека тие се клучни и стратешки партнери на ЕУ – рече Фон дер Лејен.
Претседателката на ЕК изрази очекување дека за време на словенечкото претседателство ќе има напредок во пристапувањето на земјите од регионот, особено кога станува збор за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија.
Таа нагласи дека тоа е во интерес на ЕУ и нејзиниот кредибилитет.
– Кога ЕУ дава ветување, мора и да го исполни – заклучи Фон дер Лејен.