Во скандалот е вмешана и британската компанија „Кембриџ аналитика“, која ги искористила податоците за да помогне во изборниот триумф на актуелниот американски претседател Доналд Трамп

Основачот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, изјави оти е сигурен дека некој се обидува да ги попречи ноемвриските избори за Претставничкиот дом на американскиот Конгрес. Закерберг се најде во фокусот на светската јавност по обелоденувањето на скандалот со злоупотребата на податоците на милиони корисници на „Фејсбук“. Во скандалот е вмешана и британската компанија „Кембриџ аналитика“, која ги искористила податоците за да помогне во изборниот триумф на актуелниот американски претседател Доналд Трамп.

– Сигурен сум дека некој се обидува. Сигурен сум дека ова е втора верзија од тоа што Русите го правеа во 2016 година, што и да беше тоа. Сигурен сум дека работат на тоа – истакна Закерберг.

Тој призна грешка и изрази жалење поради скандалот.
– Навистина ми е жал за тоа што се случи – изјави Закерберг во интервјуто, прво откако е обелоденет скандалот со „Кембриџ аналитика“, која се поврзува со претседателската кампања на Трамп.

Според него, компанијата направила грешки и истакна дека тоа ја менува нивната политика за приватност за да се заштитат сите корисници на социјалната мрежа.
– Би сакал тие чекори да беа преземени претходно. Тоа е веројатно најголема грешка што сме ја направиле – порача Закерберг.

Тој најави ограничување на пристапот до лични податоци на корисници на Фејсбук и известување до сите корисници чии податоци би можеле да бидат злоупотребени без нивно одобрување.

– Јасно е дека во 2016 година не ја исполнивме добро задачата да одговориме на предизвиците како што треба, без разлика дали станува збор за мешањето на Русија во изборите во САД или за лажните вести. Но, тоа што го видовме оттогаш е дека неколку месеци подоцна имаше избори во Франција каде што распоредивме некои ИТ-алатки што исполнија голема работа при идентификување руски „ботови“ како и детектирање потенцијално руско мешање. Оваа година има избори во Индија, во Бразил и во други делови од светот, и ве уверувам дека сме целосно посветени да направиме сѐ што треба за да се заштити интегритетот за тие избори од страна на „Фејсбук“ – изјави Закерберг.


Закерберг: Голем број профили за лажни вести од Македонија

Сопственикот на „Фејсбук“, Марк Закерберг, изјави за Си-ен-ен дека во 2017 година откриле голем број лажни профили од Македонија од каде што се шират лажни вести, и оти е подготвен да сведочи пред американскиот Конгрес поради злоупотребата на лични податоци на милиони корисници на таа социјална мрежа.

– Во 2017 година за време на специјалните избори за Сенатот во Алабама, употребивме нови алатки што ги развивме за откривање лажни профили, кои се обидуваат да шират лажни вести. Пронајдовме многу такви лажни профили од Македонија. Нѐ очекува напорна работа за да им отежнеме на државите како Русија да се мешаат во избори, да спречиме други луѓе да шират лажни вести – порача Закерберг.


По скандалот со „Фејсбук“, измамите ќе чинат многу скапо

Следниот скандал сличен на тој со „Фејсбук“, по мај, може да чини многу скапо, предупреди еврокомесарката за правда Вера Јоурова, која е во посета на САД.
Во текот на мај во сила ќе влезат нови европски правила за заштита на личните податоци.

– Ако некоја фирма го направи тоа во Европа по мај 2018 година, многу е веројатно дека ќе ѝ бидат наложени драконски мерки – предупреди Јоурова по средба со министри и со конгресмени во Вашингтон.