Шеснаестгодишниот ученик Николас Сандман, од американската сојузна држва Кентаки поднесе тужба против весникот „Вашингтон пост“ со барање за исплата на отштета од 250 милиони долари, поради клевета.
Тужбата е покрената откако весникот објавил фотографија со која Сандман погрешно е обвинет за расистичко однесување и за предизвикување конфронтации со активисти за заштита на правата на Индијанците.
Во тужбата се посочува дека весникот „погрешно го обвинил и малтретирал“ тинејџерот, како дел од „пристрасната кампања“ на „Вашингтон пост“ против претседателот на САД, Доналд Трамп.
Станува збор за фотографија објавена во весникот во голем формат, на која се гледа Сандман со капа со мотото на Трамп „Да ја направиме Америка голема повторно“, како стои лице в лице со активистот за правата на Индијанците, Нејтан Филипс. Фотографијата е снимена за време на протести во Вашингтон.
Фотографијата предизвика осуди на Сандман на социјалните мрежи, но видео снимка објавена подоцна покажа дека тинејџерот и неговите пријатели во ниту еден монет не се однесувале агресивно, ниту го провоцирале Филипс.
Отштетата од 250 милиони долари што ја бара Сандман е идентична со сумата што најбогатиот човек во светот, Џеф Безос ја плати за купување на „Вашингтон пост“ во 2013 година.