Универзитетот во ирачкиот град Мосул, кој го посетуваа околу 30 илјади студенти, беше окупиран повеќе од две години од Исламската држава (ИД), работејќи во време на војна, прогон и терор, по што остана во урнатини.
– Централната библиотека се уште личи на големо парче јаглен – вели професорот по англиски јазик Ашраф Риад Ал-Алаф за Би-би-си.
Една од најголемите библиотеки на Блискиот Исток изгоре заедно со главната административна зграда. Двата објекти беа срамнети со земја. Сепак, студентите полека се враќаат, а академиците ги воспоставуваат контактите со меѓународните зедници. Универзитетите ширум светот организираа донации за да помогнат, а Универзитетот Сент Ендрјуз годинава испрати повеќе од три илјади книги за Универзитетот „Мосул“, кој порано поседувал околу милион книги.
– За време на теророт, Исламската држава палеше книги, а предавањата по литература беа строго забранувани, под закана од брутални казни. Персоналот на универзитетот работеше во постојан страв за својот живот – објаснува Ал-Алаф.
Траумата од војната и окупацијата се уште фрла голема сенка. По завршувањето на конфликтот, универзитетот треба да биде обновен, односно да биде набавена нова опрема и да се направи помодерен пристап во работата на универзитетот.
– Бевме отсечени од светот предолго. Потребно е да го надополниме пропуштеното. Универзитетот „Мосул“ треба да гради мостови за соработка и неопходно е да ја воспостави комуникацијата со другите универзитети ширум светот – вели со надеж професорот Ал-Алаф.