Поранешниот премиер на Пакистан Наваз Шариф и неговата ќерка Маријам денеска беа уапсени во Лахоре, откако се вратија во земјата во пресрет на парламентарните избори кои се одржуваат на 25 јули.
Наваз Шариф е осуден на 10 години затвор поради купување на станови во Лондон за кои не можел да го покаже потеклото на имотот. Маријам е осудена на седум години затвор.
Двајцата сепак се вратија во Пакистан од странство и ги повикаа нивните поддржувачи од Пакистанската муслиманска лига да излезат на улиците.
Во Лахоре денеска беа собрани десетина илјади поддржувачи на поранешниот трикратен премиер и пакистанските власти набрзина ги префрлија Шариф и неговата ќерка надвор од градот по апсењето.
Шариф вели дека судските одлуки донесени на 6 јули се политички мотивирани. Судот им изрече казни затвор и на сопругот на Маријам, а изрече и парични казни и нареди конфискување на имотот во Лондон.