За скептичниот Запад, сегашната турска власт, која има исламистичко минато, се противи на основните вредности на западното меѓународно општество, и се обидува да се постави како регионален хегемон во новата констелација на односите на Блискиот Исток. Сепак, сѐ поголемиот ангажман на Турција со незападни земји може подобро да се објасни со реалната политика, отколку со целосно турско отфрлање на западните политички модели и економски развој, оценува „Дејли сабах“

Дали Турција сѐ уште е дел од Западот? Одговорот на ова прашање сега стана поважен од кога и да било претходно, бидејќи динамиката на турската надворешна политика во изминатите години принуди многумина западни експерти да дојдат до заклучок дека Турција ја пренасочува својата стратегиска ориентација од Западот во други насоки. Исто така, сѐ поголем е бројот на западни претставници што го доведуваат во прашање турското членство во НАТО, особено по одлуката на Анкара да го купи рускиот противракетен систем „с-400“. За скептичниот Запад, сегашната турска власт, која има исламистичко минато, се противи на основните вредности на западното меѓународно општество, и се обидува да се постави како регионален хегемон во новата констелација на односите на Блискиот Исток. Сепак, сѐ поголемиот ангажман на Турција со незападни земји може подобро да се објасни со реалната политика, отколку со целосно турско отфрлање на западните политички модели и економски развој, оценува „Дејли сабах“.

Во изминатите години таквите обвинувања се засилуваат, поради острото влошување на односите на Анкара со Европската Унија и со САД. Турското прифаќање критичен став кон ЕУ, што го рефлектира сѐ поголемиот јаз помеѓу европските и турските политички вредности, е од големо значење во овој процес. За влошувањето на односите помеѓу Анкара и Брисел придонесе и турското суспендирање на миграцискиот договор со ЕУ што, пак, беше одговор на одлуката на Унијата да воведе санкции против Турција поради енергетските истражувања во источен Медитеран, во близината на Кипар. Од друга страна, турското противење на формирањето на блискоисточно НАТО, отпорот кон американската изолација на Иран, соработката со Москва и Техеран околу решавањето на сириската криза и купувањето на рускиот „с-400“, драстично ги влоши односите помеѓу Анкара и Вашингтон.

Па, така, сега реализмот одлучно ја обликува турската надворешна политика, при што Анкара презема храбри иницијативи за да ја осигури својата територијална безбедност преку мешавина на воени иницијативи и мултилатерална стратегиска соработка со незападни играчи. Според „Дејли сабах“, во прашање е зачувувањето на турскиот територијален суверенитет, економскиот развој и социјалната кохезија во сѐ поанархична меѓународна околина, која, пак, не им обезбедува атмосфера на турските власти да го воспостават својот регионален поредок. Настаните во Египет, Сирија и во Ирак ги покажаа ограничувањата на капацитетот на Турција да го поставува курсот на настаните на теренот. Западните политики несомнено придонесоа за реалистичното будење на турската надворешна политика.

Од друга страна, турските западни сојузници, пред сѐ САД, усвоија прагматичен пристап во текот на Арапската пролет, наместо да демонстрираат искрена посветеност на либерално-демократската трансформација на целиот регион. И покрај нивната реторичка поддршка за зајакнување на либерално-демократските сили во регионот, сега веќе нема сомнеж дека приоритет на западните актери се безбедноста и стратегиската стабилност, наместо човековите права и демократијата. Аверзијата на американскиот претседател Доналд Трамп кон ставањето на човековите права во центарот на надворешната политика на САД и неговото претпочитање да се справува со регионалните актери на транснационален начин, по сѐ изгледа ја принудија власта во Анкара да ја редефинира турската надворешна политика, водејќи се од реализмот, наместо од либерализмот.

Одамна се завршени деновите од Студената војна, кога заедничките безбедносни интереси поблиску ја врзуваа Турција со своите западни сојузници во рамките на НАТО. Но ниту стратегиската безбедност, ниту пак идеолошките причини, не го оправдуваат доведувањето во прашање на турската посветеност кон Алијансата. Сепак, Турција не е уникатен пример во НАТО. Дури и САД, моторот на Алијансата, сѐ повеќе ја доведуваат во прашање релевантноста на НАТО за американските безбедносни интереси во 21 век.
Од друга страна, повеќедецениските напори на Турција да стане членка на ЕУ и натаму изгледаат како бескраен процес, при што оние што традиционално го поддржуваат турското членство, врз основа на стратегиските и економските интереси, сега се малцинство и во Турција и во европските престолнини. Ниту турските власти сега искрено не се стремат кон членството во ЕУ, за разлика од периодот 2002-2007 година, ниту пак, Унијата сега е расположена да ѝ понуди на Турција изгледни шанси за членство, особено не во период на сѐ поголема загриженост за иднината на самиот европски проект.

„Дејли сабах“ оценува дека западните земји повеќе не ја гледаат Турција како модел за земјите од Блискиот Исток, што порано се должеше на нејзиниот умерен исламски идентитет, прозападната секуларна ориентација и интеграцијата во капиталистичката светска економија. Но и покрај таквата слика, насоката на турската надворешна политика воопшто не го оправдува тврдењето дека турските лидери револуционерно го напуштаат либералниот светски поредок, предводен од Западот. Тоа што сега се случува е процес во кој Турција, слично на другите средни сили во подем, ги нагодува своите надворешни односи во согласност со новиот поредок, во кој приматот на традиционалните западни сили сѐ повеќе се доведува во прашање од незападните сили и тоа во најразлични области од глобалното владеење.

Не треба да се заборави дека Турција долго време тврдеше дека новиот поредок на Блискиот Исток треба да се заснова на претставничката демократија, слободните пазар, почитувањето на малцинствата, конституционализмот и општествениот плурализам. Тоа се истите принципи што ја сочинуваат основата на западната цивилизација. Но таквото либерално размислување сега е минато и турските лидери се доста свесни за ограничувањата на Турција.

Па, така, Турција сега бара реформи на меѓународниот поредок на начин што ќе ги рефлектира сегашните рамнотежи конфигурации и рамнотежи на моќ. И покрај тоа, турскиот пристап кон западниот меѓународен поредок е револуционерен и предвидува инкорпорирање на новите сили во постојниот систем, како одговорни страни.


Незаменлива улога во НАТО

НАТО мора да ја признае улогата на Турција и, земајќи го предвид растечкиот број економски, политички и воени алтернативи, да усвои поразличен пристап кон Анкара, доколку сака да ја задржи во својот „клуб“, се наведува во анализата на Ројал јунајтед сервисес институт (РУСИ).

Клучната улога на Турција како членка на НАТО не смее да се занемари, без разлика на тоа колку „тежок“ може да биде турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. Па, така, Турција ја поседува најголемата војска во Европа, и е трета најнаселена земја-членка на НАТО. Земјата има клучна улога во мисијата на НАТО за ограничување на Русија, како и во напорите на ЕУ за контрола на миграцијата во Европа, а исто така и служи како главен лост за американските напори за справување со Кина.

Според анализата, најновите тензии помеѓу Турција и НАТО, се должат на одлуката на Анкара да продолжи со набавката и инсталирањето на модерниот руски противракетен систем „с-400“. Како резултат на тоа, Пентагон ја исклучи Анкара од програмата за развој и производство на ловецот од 5-та генерација „ф-35“, а не е исклучено и воведувањето санкции.

– Најновиот извор на тензии помеѓу НАТО и Турција е само уште еден во долгата листа на спорови помеѓу двете страни. Сепак, честопати се занемарува и потценува турската улога во НАТО – оценува РУСИ.

Сѐ поголемите предизвици за САД, како што е трговската војна со Кина, бараат засилено партнерство со земји како што е Турција, а тоа е во интерес на Алијансата и сите нејзини членки.


Петдецениски пат кон членство во ЕУ

И покрај тоа што Турција веќе се покажа како веродостоен партнер, Европската Унија изгледа нема визија за односите со Анкара. Суспендирањето на договорот за реадмисија на бегалци помеѓу двете страни е најнов пример за тоа. Анкара го суспендираше договорот поради неуспехот на ЕУ да ги исполни своите ветувања и обврски од спогодбата, оценува „Дејли сабах“.

Патот на Турција кон станувањето членка на ЕУ е исполнет со многу падови и подеми во изминатите 50 години. Турција отсекогаш беше отворена за соработка, исполнувајќи ги своите обврски во текот на преговорите, кои почнаа во 1963 година со Договорот од Анкара. И покрај тоа, Анкара со децении го чека членството, додека ЕУ продолжува да го одолжува процесот. Со Договорот од Анкара, Турција се согласи на укинување на тарифите и квотите за производите, како дел од интеграцијата во царинската унија во Европската економска заедница, претходникот на ЕУ.

По подолг период, Турција го потпиша Европскиот устав во 2004 година, што доведе до почеток на преговорите за полноправно членство во 2005 година, во првиот мандат на Партијата на правда и развој. Сепак, преговорите повторно запреа во 2007 година, поради противењето на отворањето на поглавјата од страна на Кипар и администрацијата на кипарските Грци на поделениот остров.