АНКАРА НЕ СЕ ОТКАЖУВА ОД НАБАВКАТА НА РУСКИОТ „С-400“
Американскиот секретар за одбрана ја предупреди турската страна дека не може да ги поседува и рускиот систем и американските напредни ловци „ф-35“. Двата сојузника од НАТО веќе неколку месеци се во отворена војна на зборови околу одлуката на Анкара за купување на модерниот противвоздушен систем од Русија
Американските власти ѝ дадоа рок на Турција до крајот на јули да избере помеѓу купување воени авиони од САД и набавка на рускиот одбранбен ракетен систем „с-400“. Ултиматумот и официјално е објавен во писмото на секретарот за одбрана Патрик Шенахан до неговиот турски колега Хулуси Акар. Шенахан ја предупредува Турција дека не може да ги поседува и рускиот систем и американските напредни ловци „ф-35“. Двата сојузника од НАТО веќе неколку месеци се во отворена војна на зборови околу одлуката на Анкара за купување на неколку „с-400“, пренесува Би-би-си.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп тврди дека руските системи не се компатибилни со одбранбените системи на НАТО и дека претставуваат безбедносна закана, поради што бара од Турција да го купи американскиот противвоздушен систем „патриот“. Анкара, која сѐ повеќе спроведува независна одбранбена политика, претходно се пријави за купување на сто „ф-35“ и инвестираше многу во програмата за развојот на авионот, при што турските компании произведуваат дури 937 дела за „невидливиот“ супермодерен ловец. По сѐ изгледа, ова прашање е црвена линија и за двете земји – Турција и САД.
Во својот говор на годишниот безбедносен форум „Глобсек“, новиот сојузнички командант на НАТО за Европа, Тод Волтерс, ја предупреди турската страна.
– Не сме заинтересирани да ги споделуваме карактеристиките и можностите на нашиот „ф-35“ со Русија – истакна Волтерс.
Пентагон стравува дека ако Турција ги купи и модерниот „ф-35“ и рускиот „с-400“, руските техничари ќе имаат пристап до слабите точки на авионот, изложувајќи ги американските пилоти на дополнителен ризик. Висок турски дипломат за Би-би-си изјави дека Вашингтон не се противел кога Турција преговарала за договорот со Русија, туку критиките и протестите пристигнаа откако договорот беше потпишан. Според него, сега е предоцна Анкара да се повлече дури и да сака да го стори тоа.
– Кога Турција ќе постигне договор, таа го почитува – порача турскиот дипломат.
Шенахан во писмото до турскиот колега истакнува дека САД се разочарани од информациите што говорат дека турски воени лица веќе се испратени во Русија, за да се обучуваат за „с-400“.
– Турција нема да го добие „ф-35“, ако Турција ја прими испораката на „с-400“. Сѐ уште имате шанса да го смените курсот во однос на „с-400“ – наведува американскиот секретар за одбрана.
Во писмото е даден и распоред за намалување на турското учество во обуката на пилоти за „ф-35“.
– Не сакаме „ф-35“ да биде во близината на „с-400“, поради можноста овој систем да го разбере профилот на „ф-35“ – порача Елен Лорд, заменичка на секретарот Шенахан.
Првите четири авиони „ф-35“, што требаа да ѝ бидат испорачани на Турција, и натаму се во САД, со официјално образложение дека турските пилоти треба да се обучуваат на нив во САД.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во вторникот порача дека неговата земја е одлучна во намерите за реализирањето на набавката на „с-400“.
– За жал, не добивме позитивен предлог од американската страна за прашањето за „патриот“, како за „с-400“ од Русија – истакна Ердоган, чија земја ја има втората по големина армија во НАТО.
Од друга страна, директорот на рускиот државен одбранбен конгломерат „Ростек“, Сергеј Чемезов, во петокот изјави дека Русија би почнала за два месеца да ги испорачува системите „с-400“ во Турција.
Што е „с-400“?
Рускиот „с-400 триумф“ е еден од најсовремените ракетни системи копно-воздух во светот. Системот има дострел од 400 километри, а еден интегриран „с-400“ може истовремено да собори до 80 цели. Русија тврди дека системот може да погоди најразлични цели – почнувајќи од нисколетачки дронови и авиони што летаат на различни височина па до проектили со голем дострел.