Курдски сили, што ја контролираат североисточна Сирија, соопштија дека во турски воздушен напад е погоден затвор во кој беа затворени милитанти на ИД.
– Еден од затворите во кои беа затворени припадници на ИД е погоден за време на воздушните напади од страна на Турција – објавија на Твитер Сириските демократски сили.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека армијата погодила вкупно 181 позиции на милитантите во воздушни и ракетни напади од почетокот на операциите во североисточна Сирија.
Турските трупи и нивните сојузници од редот на сириските бунтовници синоќа влегоа во североисточна Сирија, соопшти турското Министерство за одбрана, со што започна и копнена офанзива против борците од курдската милиција.Претходно, турски воени авиони и артилерија гаѓаа позиции на курдските борци на почетокот од прекуграничната воена операција, само неколку дена откако американските трупи се повлекоа од областа.