Турската полиција пукала од водени топови врз околу 100 луѓе кои денеска во Дијарбекир се обиделе да го посетат гробот на Зулуф Гезен, член на ПКК кој починал во затвор, а потоа и привела некои од нив.
Полицијата соопшти дека во групата се наоѓал и Сезај Темели, еден од лидерите на прокурдската Народна демократска партија (ХДП) и други пратеници од неговата партија. Ним им бил дозволен влез на гробиштата, но не и на целата група, соопшти полицијата. Вкупно десет лица биле уапсени откако безбедносните сили ја повикале групата да си замине, а некои на тоа одговориле со фрлање камења.
Гезен, член на ПКК, во 2010 година беше осуден на доживотна казна затвор поради поврзаност со бомбашкиот напад во 2007 година во кој, според медиумите, загина едно лице и шестмина беа повредени. Казната ја служеше во затвор во северозападната провинција Текирдаг каде пред два дена изврши самоубиство, соопшти локалното обвинителство.