Тројца функционери, две столчиња и една непријатна ситуација. Така може да се опише третманот што го доби претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен при посетата на Анкара, кога не и беше понудено столче при средбата со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, додека нејзиниот колега, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, седна покрај нивниот домаќин.
Фон дер Лејен стоеше збунето (како што може да се забележи на видеоснимките) пред да седне на кауч во близина, наспроти турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу кој исто така беше присутен на средбата. Така дојде до дипломатскиот инцидент наречен „Софагејт“.
Мишел стана цел на критики по посетата, особено бидејќи една од темите на средбата беше важноста на правата на жените, но тој се правдаше дека бил создаден погрешен впечаток и одби да се извини.
– Некои од приказите создадоа впечаток дека можеби бев бесчувствителен кон ситуацијата. Таквото мислење не би можело да биде подалеку од реалноста и од моите чувства – соопшти Мишел.
Фон дер Лејен беше посрамена и тргната настрана на средбата на која требаше да изврши притисок врз Турција за правата на жените, откако Турција неодамна се повлече од Истанбулската конвенција, чија цел е борбата против насилството врз жените.
Згора, се смета дека лидерите на ЕУ паднале во „стапицата“ на Ердоган која направила Унијата да делува политички наивно, во време кога се обидува да се позиционира подобро на глобалната сцена.