Тројца Руси и еден Украинец ќе се соочат со обвиненија за убиство во врска со соборувањето на авионот на „Малезија ерлајнс“ над Украина во 2014 година, кога загинаа 298 лица. Во извештајот на заедничкиот истражен тим, предводен од Холандија, се наведува дека во соборувањето на патничкиот авион се вмешани руските државјани Игор Гиркин, Сергеј Дубински и Олег Пулатов, како и Украинецот Леонид Харченко.
Според извештајот, овие четири лица се одговорни за транспортот на проектилот „бук“, што бил употребен за соборување на авионот. Покрај тоа, истражителите утврдиле дека Гиркин, Дубински и Пулатов се руски разузнавачи, кои биле испратени во Украина, додека Харченко бил командир на борбена единица во Доњецк.
Патничкиот авион леташе на релацијата Амстердам – Куала Лумпур, кога беше погоден со ракета над источна Украина. Судскиот процес треба да почне во Холандија во март 2020 година, а против четворицата осомничени е распишан меѓународен налог за апсење.