Американскиот претседател ѝ се закани на Анкара дека ќе ја уништи економски, ако ги нападне курдските бунтовници во Сирија по повлекувањето на војниците на САД. Американските војници и курдските бунтовници заедно се бореа против Исламската држава (ИД) во северна Сирија, но официјална Анкара не отстапува од ставот дека курдските бунтовници се терористи, пренесува Би-би-си
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Турција дека ќе ја уништи економски, ако ги нападне курдските бунтовници во Сирија по повлекувањето на војниците на САД. Истовремено, Трамп порача дека Курдите не треба да ја провоцираат Турција со своите акции. Американските војници и курдските бунтовници заедно се бореа против Исламската држава (ИД) во северна Сирија. И покрај големиот придонес во борбата против ИД, официјална Анкара не отстапува од ставот дека курдските бунтовници се терористи, пренесува Би-би-си.
Коментарите на Трамп следуваат по неговата ненадејна одлука за повлекување на околу 2.000 американски војници од Сирија.
– Почнува долготрајното повлекување од Сирија, додека го напаѓаме малиот преостанат дел од калифатот на ИД. Повторно ќе ги нападнеме од постојните блиски бази ако повторно се групираат. Економски ќе ја уништиме Турција ако ги нападне Курдите. Направете безбедносна база од 20 милји – истакна шефот на Белата куќа.
Тој исто така порача и дека треба да запрат бесконечните војни.
– Исто така, не сакам Курдите да ја предизвикуваат Турција. Русија, Иран и Сирија ќе имаат најголема корист од долгорочната американска политика за уништување на ИД во Сирија, природните непријатели. Исто така, и ние имаме корист, но сега е време да ги доведеме дома нашите војници. Прекинете ги бесконечните војни – додаде Трамп на својот профил на Твитер.
Од друга страна, се огласи и официјална Анкара, од каде што порачаа дека Турција ќе ја продолжи борбата против курдските единици, кои ги поддржува САД, и покрај предупредувањето на претседателот Трамп.
– Господине Трамп, терористите не може да бидат ваши партнери и сојузници. Нема никаква разлика помеѓу ИД и курдските бунтовници. Ќе продолжиме да се бориме против сите нив – изјави Ибрахим Калин, портпаролот на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Турција ја поздрави најавата на САД за повлекување на своите војници од Сирија. Но, Анкара не ги крие своите планови за почнување голема офанзива против курдските бунтовници, за да спречи создавање курдска држава на своите граници, како и заживување на сепаратизмот на Курдите во самата Турција.
Меѓутоа, американската влада подоцна го услови повлекувањето од Сирија со безбедносни гаранции за курдските бунтовници, а минатонеделната посета на советникот за национална безбедност на Трамп, Џон Болтон, на Анкара не доведе до надминување на несогласувањата.