Русија предолго го крши Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ), соопшти денеска Белата куќа, откако американскиот државен секретар Мајк Помпео објави дека САД од утре ќе ја прекинат примената на тој договор.
Во соопштението се наведува дека Русија предолго го прекршува ИНФ „без да биде казнета, тајно развивала и поставувала забранет ракетен систем, што претставува директна закана кон нашите сојузници и сили во странство“.
Американскиот претседател Доналд Трамп истакна во соопштението дека Америка „целосно го поддржувала“ договорот повеќе од 30 години.
– Но, ние нема да останеме ограничени со условите од договорот, додека Русија лажно ги претставува своите постапки. Не може да бидеме единствена земја во светот која е еднострано обврзана со тој договор или со било кој друг, порача Трамп.
Во меѓувреме, НАТО во свое соопштение „целосно го поддржа“ потегот на САД во врска со Договорот за нуклеарни сили со среден дострел, постигнат со Русија.
– САД преземаат ваков потег како одговор на значајните ризици за евроатлантската безбедност, наметнати со прикриеното тестирање и производство на систем за крстосувачки ракети 9М729, се наведува во соопштението на Алијансата.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео објави денеска дека САД од утре ќе ја прекинат примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ). Шефот на Стејт департментот, исто така, порача дека Вашингтон за шест месеци целосно ќе се повлече од тој историски договор постигнат во 1987 година, доколку Русија не прекине со кршењето на пактот за контрола на вооружувањето.
Москва демантира дека го прекршила договорот, со кој на двете страни им се забранува поставување ракети со краток и среден дострел во Европа, кои се истрелуваат од копно.