По изгласаниот импичмент на претседателот Доналд Трамп во средата, тој се обрати на митинг во сојузната држава Мичиген, велејќи „патем, не се чувствувам како да ме отповикуваат“. Во тој момент, разликата меѓу Трамп и поранешните претседатели Ричард Никсон и Бил Клинтон стана очигледно јасна, пишува Дејвид Герген во колумната за Си-ен-ен.
Јасно е дека Никсон и Клинтон се однесуваа поинаку од Трамп кога се соочија со постапките за отповикување, кои ги засенија нивните претседателства. За време на истрагите против нив, и Никсон и Клинтон соработуваа со властите. Додека Никсон одбиваше да даде информации, тој потклекна под притисокот на јавноста и им дозволи на клучните сведоци да сведочат. А најпосле ги предаде и озлогласените снимки од аферата „Вотергејт“ кога тоа беше наредено од Врховниот суд. Клинтон, пак, се согласи да сведочи под однапред договорени услови.
Во прилог на ваквото тврдење оди и покајничкиот став на Никсон и на Клинтон и нивното прифаќање на одговорноста за сопственото однесување. Никсон поднесе оставка, а откако обвинувањата против Клинтон беа отфрлени, тој упати јавно извинување и се врати на работа, оставајќи ги проблемите зад себе. На тој начин, случајот беше затворен, а контроверзите разрешени. Уште поважно обврската на Конгресот беше испочитувана.
Земете предвид колку поразличен беше овој процес за отповикување. Трамп е воинствен и пркосен. Тој не предаде ниту еден документ на Конгресот, а Белата куќа ги оневозможи клучните сведоци да сведочат. Неговите поддржувачи тврдат дека доказите што го поддржуваат отповикувањето на Трамп се „тенки“, неприфаќајќи дека можеа да бидат потврдени доколку Трамп соработуваше.
Земајќи ја неговата цврста поддршка меѓу републиканците во Сенатот, ослободувањето на претседателот од обвиненијата е безмалку гарантирано. Можеме само да се подготвиме дека тоа ќе се случи. Руди Џулијани изјави за Си-ен-ен во вторникот дека Трамп дава поддршка во неговата постојана потргата по „валкан материјал“ за демократите во Украина. Згора, коментарите на Трамп кои го окарактеризираа импичментот како „измама“ во писмото до спикерката на претставничкиот дом во Конгресот, Ненси Пелоси, заедно со неговиот пркосен настап на митингот во Мичиген, јасно ставаат до знаење дека тој е воинствен.
Ова е претседател кој веројатно ќе се разгневи, ќе бара одмазда и ќе продолжи да ги злоупотребува овластувањата. А ако биде ослободен, и ако досегашното однесување може да претставува индикација, Трамп ќе се чувствува рехабилитиран и осилен од поддршката на неговите симпатизери. Трамп може да излезе од судењето за импичмент огорчен и окуражен. Ако е така, ние веројатно се соочуваме со еден куп неволји, без разлика кој ќе победи на претседателските избори во 2020 година, заклучува Герген.