Американскиот претседател Доналд Трамп денеска преку Твитер и порача на Русија да се подготви за „нови и паметни ракети“ во Сирија.
– Русија вети дека ќе ги собори сите ракети истрелани врз Сирија. Русијо подготви се, затоа што ќе дојдат убави и нови и паметни (ракети) – напиша Трамп на Твитер.
Тој понатаму додаде дека Русија не би требало да биде партнер со „животно кое ги убива со гас“ своите луѓе и кое во тоа ужива.
Пораката на Трамп доаѓа два дена откако американскиот претседател најави дека САД во следните 24-48 часа ќе смислат соодветен одговор на наводниот хемиски напад во сирискиот град Дума.
Одделни аналитичари наведуваат дека „твитот“ на Трамп би можел да биде неофицијална најава на „големи одлуки“ кои американскиот претседател ги најави во врска со Сирија.
Како што пишува британски „Гардијан“, САД, Велика Британија и Франција ги продолжуваат подготовките за воена акција против режимот на Башар ал-Асад.
Русија порано денеска најави дека ќе ги собори сите ракети што ќе полетаат кон Сирија.