Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска се обиде да ги смири стравувањата од ширење на коронавирусот во САД велејќи дека ситуацијата е под контрола.
Истовремено, администрацијата на Трамп вчера побара од Конгресот дополнителни две и пол милијарди долари за да се подготви во случај на епидемија и да им помогне на другите држави, објави АП.
– Имаме многу малку луѓе со коронавирус – рече американскиот претседател на прес-конференција во Индија.
Трамп се осврна на група од 14 Американци позитивни на коронавирусот, кои беа меѓу стотиците граѓани на САД неодамна евакуирани од крузерот од јапонското пристаниште и сместени во американските објекти.
Американскиот претседател рече дека тие луѓе се ставени во карантин и изрази надеж дека набргу ќе бидат во многу добра форма.
Претходно, Трамп изјави дека сака дополнителни 2,5 милијарди американски долари за зајакнување на својата одбрана во случај нешто да се случи и да им помогне на другите земји.
Буџетската канцеларија на Белата куќа соопшти дека средствата ќе бидат искористени за развој на вакцини, третман и заштитна опрема, но демократите веднаш го отфрлија барањето.