Американскиот претседател Доналд Трамп во обраќањето до медиумите во Вирџинија, во централната канцеларија на Републиканците, го нападна Врховниот суд поради одлуката за пребројување на гласовите во Пенсилванија.
Трамп рече дека резултатите од изборите во Америка треба да бидат познати уште вечерва и дека сè друго ќе биде лошо.
– Мислам дека пресудата за Пенсилванија е несреќна пресуда од Врховниот суд затоа што мислам дека треба да знаеме што се случува уште оваа вечер. Луѓето нека гласаат рано, но мора да имате бројки. Не можете да ги одложувате тие работи толку многу денови, а можеби и со недели. Не можете да го правите тоа. Целиот свет чека – истакна тој.
Трамп исто така кажа дека „многу лоши работи“ се случуваат во врска со гласачките ливчиња.
– Многу лоши трикови, многу лоши работи се случуваат со гласачките ливчиња кога ќе кажете – О, да ќе се посветиме на броење со денови и денови, и тогаш одеднаш, бројот на гласачките ливчиња се менува – додаде тој.
Трамп ја нарече пресудата на Врховниот суд многу опасна одлука за земјата.
– Мора да имата датум. Тој датум испадна да биде 3 ноември. И треба да имаме право на 3 ноември да знаеме кој ќе победи – рече американскиот претседател.
Претходно Трамп изрази уверување дека има многу солидни шанси да победи на претседателските избори со прогноза дека ќе победи и во Пенсилванија, која важи за клучна држава.
– Ќе победиме убедливо во Тексас, Флорида и Аризона. Мислам дека резултатите ќе бидат многу добри за нас и во Северна Каролина – рече Трамп, повикувајќи се на неколку сојузни држави каде резултатите би можеле да бидат блиски, пренесува агенцијата „Франс прес“.
Меѓутоа, „Њујорк тајмс“ пишува дека Бајден е пред Трамп на бојните полиња во Висконсин и Пенсилванија, како и на Флорида и во Аризона, според анкетата што весникот ја спровел во соработка со Сиена колеџот.
Во текстот се тврди дека водството на демократскиот кандидат е најизразено во Висконсин, каде што тој има апсолутно мнозинство гласови и води со 52 спрема 41 процент.