Поранешната кандидатка за претседател на Белорусија, Светлана Тихановскаја, ги повика европските лидери да не ги признаат резултатите од претседателските избори одржани на 9 август, на кои победи Александар Лукашенко.
– Ве повикувам да не ги признаете овие лажни избори – изјави Тихановскаја, обраќајќи се до Европскиот совет на англиски јазик на видеото што беше објавено на Јутуб.
Таа додаде дека иницирала формирање на Национален координативен совет на Белорусија со цел да се олесни мирната транзиција на власта во Белорусија, пренесува ТАСС.
Тихановскаја рече дека телото веднаш ќе повика на нови, како што рече, фер и демократски претседателски избори под меѓународен надзор.
Таа ги повика европските лидери да ги почитуваат принципите на меѓународното право, суверенитетот на Белорусија и изборот на народот на Белорусија.
Тихановскаја е во Литванија, а нејзиното обраќање беше објавено пред вонредниот самит на ЕУ за ситуацијата во Белорусија, што треба да се одржи денес во форма на видеоконференција.
Националниот совет за координација, кој собира околу 70 членови на опозицијата, беше формиран во вторникот. Неговата главна цел е да ја олесни мирната транзиција на власта во Белорусија.
Белорускиот претседател Александар Лукашенко го отфрли формирањето на советот како обид за преземање на власта.