Германските левоцентристички социјалдемократи (СПД) освоија тесна победа пред владејачкиот конзервативен блок на канцеларката Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ, на парламентарните избори во најголемата европска економија. Засега наследникот на Меркел сѐ уште е непознат, бидејќи тој ќе се дознае во наредниот период, кога ќе
завршат калкулациите меѓу германските партии за формирање мнозинство

Анализа на првичните постизборни
резултати за Бундестагот

Изборите за новиот состав на германскиот Бундестаг завршија, но неизвесноста околу главното прашање кој ќе ја формира новата германска влада по заминувањето на канцеларката Ангела Меркел допрва доаѓа. Ова е само еден од насловите на медиумите во Германија, кои вчера ги коментираа и анализираа сите можни постизборни коалиции, кои се во моментот на жешката политичка масата за преговори во земјата по објавувањето на првичните резултати од изборите за Бундестагот.
Бурната атмосфера на неизвесност во Германија, а со тоа и во Европа, започна некаде во утринските часови, откако беа соопштени и првичните резултати. Според засега неофицијалните податоци, десноцентристичката Социјалдемократска партија (СПД) и нивниот лидер Олаф Шолц освоија 25,7 отсто од гласовите, пред конзервативната унија ЦДУ-ЦСУ, предводени од Армин Лашет, кои добија само 24,1 отсто од довербата на гласачите.
Со тоа, според практиката, лидерот на социјалдемократите, Шолц, ќе биде во предност за формирање на идната влада доколку тој направи коалиција со некои од преостанатите партии што влегоа во Бундестагот. Засега, според првичните податоци од изборите, Зелените се на трето место со освоени 14,8 отсто гласови, пред Либералната партија-ФДП со 11,5 проценти и 10,3 отсто освоени гласови од страна на АфД.
Ваквиот расплет на случувањата, како што вчера пренесоа германските медиуми, предизвика радост кај социјалдемократите и нивниот лидер Шолц, но и парализирачки молк во седиштето на Христијанско-демократската унија (ЦДУ).


Реакции на светските медиуми:

Резултатите не ја разјаснија сликата за Берлин

Пред Германија се недели, а можеби и месеци неизвесност, бидејќи прашањето за тоа кој ќе ја формира следната влада остана отворено по парламентарните избори од неделата, зашто гласањето не донесе многу разјаснувања за тоа кој ќе ја наследи канцеларката Меркел, пишува „Волстрит џрнал“. Медиумот наведува дека прелиминарните резултати покажаа мала предност за социјалдемократите од левоцентристичката партија, но, како што истакнува американскиот весник, дали тие ќе ја наследат Меркел на чело на Владата и ќе ја преместат најголемата европска економија налево, ќе зависи од исходот од сложените и долготрајни преговори за коалиција.
Прелиминарните резултати покажуваат дека Германија се подготвува за тричлена владејачка коалиција, прва во нејзината понова историја, истакнува „Фајненшл тајмс“, и многу зависи од тоа дали помалите партии, Зелените и Слободните демократи (ФДП), ќе одлучат да се приклучат на Социјалдемократска партија (СПД) или на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и нејзината сестринска Христијанско-социјална унија (ЦСУ).


Изборите во фокусот на ЕУ:

Штедење или олабавувања на ременот

Изборите во Германија се важни за цела Европа, коментираат аналитичарите, тргнувајќи од фактот што станува збор за најголемата економија во Унијата. Иако како фаворит беше Ангела Меркел и нејзината десничарска партија, која управува во периодот 2009-2013, последните случувања говорат дека е можно да има промена на власта во „моторот“ на ЕУ.
Па, така, вчера иако поголем број од политичарите и лидерите во земјите на ЕУ не упатија никакви честитки ниту пак пораки по првичните резултати во Германија, сепак некои од нив претходно коментираа дека иднината на ЕУ многу ќе зависи од новиот канцелар. Економистот од институтот „БНП Парибас“, Евелин Херман, во изјава за медиумите рече дека премногу е мала веројатноста европолитиката да се промени радикално, доколку победникот на изборите продолжи со управувањето на слободните демократи. Секоја друга промена на коалицискиот формат, пак, може да има клучно значење за иднината на надворешнополитичките потези на Берлин, посочува Херман.