Австралиецот Брентон Терант, одговорен за смртта на 51 лице при нападот на џамија во градот Крајстчрч во Нов Зеланд, се појави пред судот во Аукленд и се изјасни за невин по сите 92 точки од обвинението.
Абдул Азиз, човекот кој храбро му се спротиставил на убиецот за време на маскрот во џамијата, жестоко се обрати кон Терант кој во судот се смешкаше додека роднините на жртвите со ужас го гледаа напаѓачот.
Преживеаните од масакрот плачеа додека Терант по ред ги отфрлаше обвиненијата за убиство, убиство со предумисла и тероризам.
-Тој се смееше таму пред судот и глумеше голем маж, а кукавички побегна кога требаше да се соочи со мене. Дајте ми 15 минути со него во неговата ќелија и ќе видиме дали уште ќе се смее, изјави Азиз, кој многумина го сметаат за херој во трагедијата од Крајстчрч.
Судењето на Терант е прво од ваков вид во Нов Зеланд и се смета дека може да се развие во сложен судски процес.
Муслиманската заедница во Крајстчрч ја поздрави одлуката на обвинителот да го третира злосторството како терористички чин.