Американскиот претседател Доналд Трамп се закани дека целосно ќе го спречи пристапот на иранската нафта на светските пазари. Иранските власти жестоко реагираа на ваквите најави, заканувајќи се дека Исламската Република ќе го затвори Ормутскиот Теснец доколку на Иран му забранат да го користи поморскиот теснец за извозот на нафта. Ваквиот развој на настаните може сериозно да ги зголеми тензиите во тој дел на светот, ако се знае фактот дека Пентагон претходно се закани дека по никоја цена нема да дозволи блокирање на една од најважните маршрути за проток на светската нафта
Цената на нафтата на светските берзи го достигна максималното ниво за изминатите шест месеци, откако американскиот претседател Доналд Трамп и официјално даде до знаење дека нема да ја продолжи полугодишната „привилегија“ одредени држави да продолжат да увезуваат иранска нафта, која истекува на 2 мај. Покрај тоа, Трамп планира и целосно да го спречи пристапот на иранската нафта на светските пазари. Иранските власти жестоко реагираа на ваквите најави, заканувајќи се дека Исламската Република ќе го затвори Ормутскиот Теснец, доколку на Иран му забранат да го користи поморскиот теснец за извозот на нафта. Ваквиот развој на настаните може сериозно да ги зголеми тензиите во тој дел на светот, ако се знае фактот дека Пентагон претходно се закани дека по никоја цена нема да дозволи блокирање на една од најважните маршрути за проток на светската нафта, пишува „Геополитика“.
Пред половина година американската администрација, воведувајќи строги санкции против иранскиот енергетски сектор, направи исклучок за осум држави, големи увозници за нафта, на кои им даде дополнителни шест месеци за продолжување на нејзиниот слободен увоз, без страв од американски санкции. Станува збор за своевиден транзитен период, во кои тие мораат да најдат соодветна замена за иранското црно злато, а три од нив – Италија, Грција и Тајван, веќе целосно престанаа да увезуваат нафта од оваа заливска земја. Осумте „привилегирани“ земји беа: Кина, Индија, Јапонија, Јужна Кореја, Тајван, Турска, Грција и Италија. Станува збор за американски сојузници или партнери (со исклучок на Кина), по чие остро политичко противење Вашингтон ја донесе одлуката за нивно привремено исклучување од антииранските санкции.
Меѓутоа, шестмесечниот рок заврши и Трамп мора да го стори тоа што го вети, односно да ги укине привилегиите за увоз на иранска нафта, чиј извоз, како што најави, ќе го сведе на нула. Ваквата одлука веднаш предизвика осуда од Анкара, која предупреди на нејзината штетност за иранскиот народ, при што не наведе што точно ќе стори Турција, бидејќи иранската нафта задоволува околу 50 отсто од турските потреби за тој енергент.
Од друга страна, американскиот државен секретар Мајк Помпео најави дека САД ќе продолжат со заострување на санкциите против Иран сѐ додека Техеран не прифати да преговара со Вашингтон. По одлуката на Трамп за непродолжување на привилегиите за осумте држави, иранските власти преминаа во контранапад. Па, така, високиот ирански претставник Алирез Тангсири во понеделникот предупреди дека Иран ќе го затвори Ормутскиот Теснец, доколку на Исламската Република ѝ забранат да го користи поморскиот теснец за извозот на нафта. Ормутскиот Теснец е стратегиски една од најважните точки на светот, бидејќи низ него поминува голем дел од светската нафта, односно дури една петтина од светската трговија со нафта.
Иран досега повеќепати се закануваше со блокада на поморскиот теснец, порачувајќи дека ако САД одлучат да го блокираат извозот на иранска нафта, нафтата од Персискиот Залив воопшто нема да се извезува. Покрај Иран, низ овој залив нафта и природен гас извезуваат и гигантите од ОПЕК – Саудиска Арабија, Ирак и Кувајт.
Се разбира, американските вооружени сили, под команда на Централната воена команда (ЦЕНКОМ), отсекогаш го предупредуваат Иран дека во случај на блокада на Ормутскиот Теснец, американската војска и нејзините регионални сојузници „ќе обезбедат слободна пловидба на бродови секаде каде што тоа е овозможено со меѓународното право“. Но, според „Геополитика“, проблемот е во тоа што и иранските бродови го имаат истото право во согласност со меѓународните прописи.
Во секој случај, следуваат бурни времиња. Индија, како еден од најголемите увозници на иранска нафта, уште претходно постигна спогодба со Иран за плаќањето на неговата нафта со индиски рупии, наместо со долари и евра, токму поради избегнувањето на можните американски санкции. Меѓутоа, индискиот министер за енергетика Дармендра Прадан пред неколку дена изјави дека Индија е подготвена, доколку тоа е потребно, да ја надомести иранската нафта од други извори. Истовремено, Кина, која претходно најави намалување на увозот на иранска нафта, од иранскиот енергент не може да се откаже, бидејќи токму таа е најголем нејзин увозник. Замена за толкави количества е речиси невозможно да се најде.
Поради сето тоа во администрацијата на Трамп расте нервозата, па затоа и беше објавена гореспоменатата одлука. Меѓутоа, нејзиниот дел, за целосно исфрлање на иранската нафта од светските пазари, сепак е чекор со сериозни геополитички последици. Сепак, чекорите на Вашингтон не се само геополитички мотивирани, туку имаат и силна економска димензија, преку обидот за исфрлање на Иран од нафтениот пазар и обезбедување нови пазари за американските производители на нафта. Па така, на пример, по воведувањето на најновите санкции против Иран, американските компании речиси двојно го зголемија својот извоз на нафта во Јужна Кореја.
Во секој случај, позицијата на Техеран во голема мера ќе зависи од ставовите на Русија и на Кина, односно, од тоа дали овие две мегадржави се подготвени да му помогнат во кој било поглед во неговите најавени антиамерикански мерки. За многумина експерти, токму оваа одлука на Трамп претставува дополнителен притисок врз Кина. Па, така, официјален Пекинг во понеделникот го објави своето противење на едностраните американски санкции против Иран, порачувајќи дека на Кина „никој не може да ѝ одредува со кого ќе соработува, а со кого не“.
„Геополитика“ наведува дека секое воено сценарио, во кое Иран покрај САД, ќе мора автоматски да им се спротивстави и на Саудиска Арабија и на Израел, повеќе изгледа на глобален отколку регионален конфликт. Тоа се должи на фактот дека Иран според силата и своето влијание, е многу повеќе од „само“ уште една заливска земја. Ако ништо друго, станува збор за еден од главните и многу ретки противници на САД што не се воздржуваат тоа да го признаат и во согласност со тоа да дејствуваат, а во услови на растечка глобална геополитичка напнатост, за Русија и Кина тоа е многу важно, ако се земе предвид фактот дека тие се соочуваат со дефицит на сојузнички земји. Губењето на Иран и неговото покорување од страна на САД во сегашни услови значително ќе ги искомплицира геополитичките и геоекономски планови на Москва и на Пекинг на Блискиот Исток.
На самиот Иран му преостанува сѐ помал маневарски простор. На тоа треба да се додаде и неговото залудно исчекување на операционализацијата на долгонајавуваната одлука на ЕУ за почеток на посебниот платен механизам, што би овозможил продолжување на увозот на иранска нафта во Унијата без страв од американски санкции. Покрај тоа, Иран за САД е многу поопасен противник од Венецуела, со која Вашингтон има многу повеќе проблеми отколку што првично очекуваше. Тоа најмногу се должи поради сегашната силна руска и кинеска поддршка за владата на Николас Мадуро. Останува допрва да се види дали таква поддршка од Москва и од Пекинг ќе добие и Техеран. Досега Техеран секогаш избегнуваше какви било блиски сојузници со големите светски играчи, упорно инсистирајќи на насоката за самостојно водење на надворешната политика во регионот, очигледно преценувајќи го своето влијание и своите можности во новонастанатите геополитички односи. Без безбедносниот чадор на големите надворешни играчи (Русија и Кина) неговите опции за конечен успех во конфликтот со САД и другите регионални сили, се навистина мали.