Шансите за постигнување трговски договор меѓу САД и Кина дополнително се намалија откако двете суперсили од 1 септември воведоа нови царински давачки на своите производи.
САД воведоа нови царини на кинески производи во вредност од 112 милијарди долари. Новите тарифи претставуваат и нова ескалација во трговската војна меѓу двете најголеми економии во светот, што веќе негативно се одразува и врз глобалната економија. Најновиот потег на Вашингтон е само прва фаза од изменетиот план на американскиот претседател Доналд Трамп до крајот на годината да воведе царини од 15 отсто на увезени кинески стоки во вредност од 300 милијарди долари. Ако планот биде целосно спроведен, тоа ќе значи дека до крајот на годината Трамп ќе воведе царини речиси врз целосниот кинески увоз во вредност од околу 550 милијарди долари, посочува Би-би-си.
Досега Вашингтон воведе царини за стоки во вредност од околу 250 милијарди долари за да врши притисок врз Пекинг да ја промени својата политика кон интелектуалната сопственост, индустриските субвенции, пристапот до пазарот и присилното пренесување технологија во кинески фирми. Пекинг постојано негира дека спроведува неправедна трговска политика и досега се одмазди со царини на американски стоки во вредност од 110 милијарди долари. Како одговор на најновите царини од Вашингтон, Пекинг воведе тарифи за американската сурова нафта, што е прва таква мерка насочена кон горивото.
САД тврдат дека Кина користи неправедни трговски мерки со кои ѝ штети на американската економија, но повеќето експерти сметаат дека трговската војна меѓу САД и Кина сега се претвори во геополитичка борба за светска доминација.
Компаниите се жалат дека сѐ потешко можат да се справат со неизвесноста што произлегува од долгорочниот трговски спор меѓу САД и Кина. Аналитичарите сметаат дека се мали шанси за негово решавање, ако се има предвид најновата ескалација со царинските давачки.
– Тешко е во оваа фаза да се види како може да се постигне договор или барем примирје – вели Џулијан Еванс Причард, економист од „Капитал економикс“.