Потресите во кинеската понуда и побарувачка негативно ќе влијаат врз глобалните економски текови, како што се шири епидемијата на коронавирус. Тоа ќе ги зголеми ризиците од долгорочно забавување на глобалниот економски пораст, па и појава на нова глобална рецесија, предупредуваат аналитичарите
Најновите податоци за надворешната трговија на Кина ги засилија стравувањата дека кинескиот економски пораст ќе забави на најниско ниво како во 1990-тите, а како што коронавирусот драматично се шири низ целиот свет, истовремено се засилија стравувањата од нова глобална рецесија.
Според податоците на кинеската царина, извозот на земјата во првите два месеца од оваа година е намален за 17,2 отсто, што е најголемото намалување уште од февруари минатата година, но и поголемо од очекувањата и прогнозите на аналитичарите на Ројтерс дека тоа ќе изнесува до 14 отсто. Во исто време, увозот во земјата се намали за четири отсто, односно нешто помалку од очекуваното. Како резултат на овие параметри во економијата, Кина бележи трговски дефицит од седум милијарди долари во јануари и февруари годинава спротивно од очекувањата на експертите, кои прогнозираа дека Кина ќе има суфицит некаде од 24 милијарди долари.
Сите овие лоши податоци го даваат првиот официјален увид во кинеската економија од избивањето на епидемијата на коронавирус, од која досега починаа над 3.500 луѓе во светот, додека повеќе од 100.000 се заразени. Сосема е јасно дека порастот на кинеската економија нагло ќе забави во првиот квартал, бидејќи брзото ширење на коронавирусот од крајот на јануари ги принуди властите да воведат ограничувања во сообраќајот и построги јавни здравствени мерки, што истовремено ја парализираа економската активност.
Како резултат на тоа, аналитичарите на јапонската групација „Номура“ проценуваат дека бруто-домашниот производ на Кина (БДП) би можел да забележи пораст од само два отсто во однос на годишно ниво, што е значително помалку од шесте отсто во претходниот квартал. Аналитичарите на „Капитал економикс“ сѐ уште поголеми песимисти, па тие проценуваат дека економијата во тековниот квартал ќе забележи пад на годишно ниво, првпат од 1990-тите.
Кинеската влада ги повика локалните власти, претприемачите и работниците во помалку погодените региони да почнат со нови бизниси што е можно поскоро, но процесот оди бавно. Аналитичарите на „Номура“ проценуваат дека само околу 44 отсто од кинеските компании во областите погодени од коронавирус продолжиле со производство, а околу 62 отсто на национално ниво. Индексот на непроизводствени активности исто така драматично се намалил на рекордни 29,6 бода. Сето ова, пак, покажува дека активноста во услужниот сектор е многу намалена, бидејќи ширењето на коронавирусот ги погоди најмногу услужните сектори, вклучувајќи ги и транспортот и туризмот. Иако Кина веќе воведе голем број економски стимулативни мерки, од намалување на клучните каматни стапки до вшприцување ликвидност во финансиските пазари, резултатите се многу слаби за економијата, пренесува „Јутарњи лист“.
Аналитичарите проценуваат дека потресите на кинеската понуда и побарувачка негативно ќе влијаат врз глобалните синџири на снабдување со месеци, како што ќе се зголемува бројот на заразени и починати од коронавирусот во другите земји низ светот. Тоа, според нив, ќе придонесе да се зголемат стравувањата на подолг период од забавување на економскиот пораст, па дури и до појава на нова рецесија. Во меѓувреме, недостигот од витални делови и компоненти од Кина ги чинеше другите земји и нивните индустрии околу 50 милијарди долари само минатиот месец, како што се наведува во процените на агенциите на ОН. Слабеењето на кинеската економија ќе има значително влијание врз глобалната економија, во која кинеската учествува со околу 17 отсто.
– Нема сомнение дека ширењето на коронавирусот значително ќе го забави порастот на глобалната економија овој квартал, со што, всушност, очекуваме редок нерецесиски пад на БДП – вели Жозеф Луптон, економист во банката Џеј-Пи-Морган.
Тој додава дека, според процените на банката, индексот на индустриска активност е намален за 6,1 отсто во февруари, што претставува рекорден месечен пад во историјата и тоа на 46,1 отсто, што е најниско ниво уште од мај 2009 година.
Во исто време, Јапонија е веќе на работ на рецесија, бидејќи нејзината економија е намалена за 6,3 отсто на годишно ниво, а речиси е сигурно дека третата најголема економија во светот ќе регистрира пад и во тековниот квартал. Ниту САД како најголема економија во светот нема да бидат поштедени од ударот на коронавирусот. Аналитичарите Голдман Сакс ја намалија нивната процена за пораст на американскиот БДП во првиот квартал од 1,4 на 1,2 отсто, што би било значително забавување, бидејќи лани американската економија се зголеми за 2,3 отсто.
– Ризиците се зголемуваат додека не запре ширењето на коронавирусот. Сѐ повеќе компании предупредуваат дека би можеле да го намалат производството ако продолжи нарушувањето во синџирот на набавки и во второто тримесечје – нагласуваат аналитичарите на Голдман Сакс.
Слични падови се очекуваат и во економиите на Германија, Јужна Кореја, Малезија, Сингапур, Бразил и други држави. Во низа други земји се погодени секторите како туризмот, синџирите на набавки и производствените активности, па аналитичарите нетрпеливо ги очекуваат официјалните податоци за да добијат појасен увид за економските последици од коронавирусот.
Азиската развојна банка деновиве објави прогноза дека коронавирусот ќе го намали глобалниот БДП за 0,1 до 0,4 отсто.
Во меѓувреме, централните банки на најголемите земји и сојузи во светот најавија мерки за поттикнување на економскиот пораст. Американската централна банка ја намали клучната каматна стапка за 0,5 процентни поени. Слично направија и австралиските и канадските централни банки, а истото тоа се очекува и од Европската централна банка. Фискални и монетарни мерки за справување со последиците од коронавирусот најавија и земјите од Г20.