Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека сака „поконструктивен однос“ со Русија и покрај мерките што ги презеде Алијансата како реакција на „зголемената воена активност на Москва“.
Столтенберг изјави дека е потребен дијалог меѓу Западот и Русија во обид „да се намалат тензиите и да се избегнат лошите проценки“.
Генералниот секретар на НАТО посочи дека поради вознемиреноста од „военото мешање“ на Русија во Украина и Грузија, поддршката што Москва му ја пружа на сирискиот претседател Башар Асад, како и руското воено присуство во Источниот Медитеран, Алијансата првпат распореди борбени групи на териториите на земјите членки во Источна Европа и наскоро ќе ја одржи „најголемата воена вежба на оваа генерација“ во водите на Норвешкото Море на која ќе учествуваат припадници на копнените, воздухопловните и поморските сили.
– Во услови кога имаме сериозни несогласувања и кога гледаме зголемени тензии и засилено воено присуство во близина на нашите граници, уште позначајно е да водиме дијалог – посочи Столтенберг.
Според него, засилувањето на комуникацијата меѓу НАТО и Русија би можело да помогне во намалување на тензиите.
Осврнувајќи се на неодамнешната изјава на украинскиот претседател Петро Порошенко дека Вооружените сили на Украина планираат да ги исполнат критериумите за членство во НАТО до 2020 година, Столтенберг нагласи дека Алијансата „нема да бара дозвола од Русија“ за прием на Киев во членство.
– Украина сама треба да реши за својот пат – дали сака да се приклучи кон НАТО или не – посочи Столтенберг.