Јапонија тајмс
Автор: Реиџи Јошида
Минатиот месец, јужнокорејскиот пратеник Ан Мин-сук од владејачката Демократска партија, пред медиумите во Сеул бараше да се објасни резолуцијата предложена во Народното собрание. На подиумот пред него беа прикажани илустрации на две знамиња: старото јапонско знаме со изгрејсонцето кое покажува црвено сонце со 16 краци што се протегаат кон надвор и знамето со свастиката на нацистичка Германија. Двете знамиња беа поврзани со знакот за еднаквост, покажувајќи дека означуваат воен милитаризам. Ваквиот став беше силно отфрлен од страна на конзервативните јапонски пратеници и министерството за надворешни работи.
Сепак, ставот на Ан го делат и мнозинството од 199 пратеници кои присуствуваа на пленарната седница. За друг спор од историјата меѓу Јапонија и Јужна Кореја беше воведена резолуција со која се забранува употребата на знамето со изгрејсонцето на претстојните Олимписки игри во Токио со 196 гласа „за“ и 3 „против“.
Си-ен-ен го цитираше Ан во септември дека „знамето што симболизира војна не е соодветно за мирни Олимписки игри“. Пратеникот, исто така, наводно изјавил дека „знамето со изгрејсонцето е слично со симболот за ѓаволот за Азијците и Корејците како што свастиката е симбол на нацизмот што ги потсетува Европејците на инвазија и на хорор“.
Знамето со изгрејсонцето кое се користеше како официјално воено знаме на сега веќе непостоечката јапонска царска војска и морнарица до крајот на Втората светска војна, стана извор на омраза меѓу двете држави во последниве години.
Јужнокорејските активисти и пратеници тврдат дека тоа е симбол на минатиот милитаризам на Јапонија што предизвикува болни сеќавања од колонијалното јапонско владеење од 1910 до 1945 година на Корејскиот Полуостров. Тие сакаат знамето да биде забрането за јавна употреба особено за време на Олимписките игри во Токио во 2020 година. Сепак, токискиот организациски комитет за олимписките и параолимписките игри, предводен од поранешниот премиер Јоширо Мори, соопшти дека нема да го забрани знамето, притоа тврдејќи дека знамињата и сличните дизајни се користат насекаде во Јапонија и нема да се сметаат за алатка за политичка пропаганда.
Министерството за надворешни работи креираше портали на англиски и на јапонски јазик, кои објаснуваат дека дизајнот се користи во неколку аспекти од секојдневниот живот. Тоа исто така е официјално знаме на копнените и поморските сили за одбрана (МСДФ) уште од 1945 година и е прифатено од страна на меѓународната заедница, соопштуваат од министерството. Порталот не го споменува фактот што знамето некогаш го користеше царската јапонска војска и морнарица и се сметаше за симбол на јапонското воено присуство во странство.
Јапонските пратеници и експерти се поделени околу ова прашање. Некои велат дека знамето со изгрејсонцето нема никакви политички конотации во денешна Јапонија, а кампањата на Јужна Кореја за забрана на употреба на дизајнот отиде предалеку. Други сметаат дека знамето некогаш важеше за моќен симбол на јапонскиот милитаризам и неговата употреба не треба да се поттикнува на меѓународен спортски настан. Трети истакнуваат дека знамето често го користат ксенофобичните јапонски десничари на митинзи и улични маршеви.
Каков и да е ставот на луѓето за знамето со изгрејсонцето, се чини дека јужнокорејското незадоволство неодамна почна да се истакнува. Наводно, јужнокорејски активисти први го покренаа прашањето за знамето околу 2012 година. Тогашниот јужнокорејски претседател Ли Мен-бак беше во посета на спорната островска група Такешима предизвика бес во Јапонија што го поттикна антикорејски десничарски активизам на Интернет.
Всушност контроверзите не се само за Олимписките игри што ќе се одржат догодина. Тие се одраз на дипломатските тензии меѓу двете држави во изминатите неколку години. Јапонската агенција за безбедносно разузнавање во 2011 година прв пат го истакна подемот на антикорејските десничарски групи и дека го вееле знамето на митинзи и на улични маршеви.
Во меѓувреме, Сеул лани побара МСДФ да не го прикажува спорното знаме за време на поморските вежби организирани од страна на Јужна Кореја. Јапонските претставници и МСДФ беа бесни затоа што сите државни поморски сили имаат право на свое воено знаме според Конвенцијата на ООН за поморскиот закон. На крајот МСДФ беше принудена да ги откаже плановите за испраќање воени бродови на настанот. Освен Јужна Кореја, за ниедна друга држава знамето не претставува проблем. Знамето со изгрејсонцето веќе се вееше на бродовите на МСДФ во заедничките воени вежби со демократските сојузници како САД, Индија и Австралија.
Но нештата се поинакви во светот на фудбалот. Во април 2017 година, Азиската фудбалска федерација (АФЦ) го казни јапонскиот фудбалски клуб Кавасаки фронтал откако навивачите на клубот го развиорија знамето со изгрејсонцето на натпревар од азиската Лига на шампионите во Јужна Кореја. Клубот доби парична казна од 15.000 долари и натпревар без публика на домашен терен. Од јапонскиот клуб беше соопштено дека со знамето „не биле испратени никакви политички или дискриминирачки пораки“, но АФЦ донесе спротивен заклучок.
Превод: Билјана Здравковска