Десетина европски држави повторно се одлучија за затворање и построги мерки за справување со новиот бран на коронавирусот, откако новите видови од ковид-19 зедоа замав. Она што е заедничко за сите земји е тоа дека полицискиот час е најмногу применувана мерка, а излегувањето од домот е строго контролиран процес за Европејците
Повеќето европски престолнини повторно се одлучија за затворање и воведување построги мерки за справување со новиот бран на коронавирусот, откако новите мутации на опасниот вирус деновиве зедоа замав низ Стариот Континент. Имено, западните агенции јавуваат дека според разликата во која земја каков вид на вирусот е во подем, властите во државите применуваат нови рестрикции и построги мерки за заштита на своите граѓани.
Она што е заедничко за повеќето европски земји е тоа дека полицискиот час е најмногу применувана мерка од страна на владите, а излегување од домот е строго контролиран процес, кој Европејците мора да го документираат од дома со пополнет образец преку интернет.
Чешка, Италија и Франција во целосен карантин?
Во меѓувреме, откако парламентот во Чешка одби да ја продолжи вонредната состојба, Владата на премиерот Андреј Бабиш прогласи нова. Чешките власти деновиве веќе најавија дека граѓаните нема да може да ја напуштаат својата општина, а од викендов се забрани и патување во неколку африкански и јужноамерикански земји, каде што ризикот од зараза со новите мутации е висок. Во исто време, според АП, Чешка важи за една од најпогодените земји во Европа и земјата веќе надмина 20.000 смртни случаи од ковид-19. Паралелно на случувањата во Чешка, во Италија се вратија построгите мерки во пет од вкупно 20 региони. Како што јавуваат италијанските медиуми, во зависност од степенот на заразата, мерките во регионите се поделени во четири зони, и тоа бела, жолта, портокалова и црвена. Рестрикциите се ревидираат на неделно ниво, а првпат од крајот на јануари регионите Базилика и Молизе се ставени во црвената зона, што значи дека се затвораат баровите и рестораните, како и несуштинските продавници. Она што останува отворено во овие локации се само продавниците за храна. Движењето на граѓаните, пак, строго се ограничува.
Франција, пак, изминатиот викенд делумно ги затвори деловите каде што се појавија нови жаришта, како што се Ница и крајбрежјето околу Денкерк. Што се однесува до Париз, пак, заменик-градоначалникот Емануел Грегоар во средата најави дека ќе бара од Владата план за тринеделно заклучување на главниот град.
Во Мадрид полициски час до мај
„Еуроњуз“ јавува дека Германија исто така се соочува со зголемување на бројот на заразени и таму се во сила строги мерки, така што се затворени сите продавници, освен за храна, како и училиштата, рестораните, кафулињата и баровите, фризерниците, трговските центри…
Во исто време, Шпанија го задржа полицискиот час во сите делови на земјата најдоцна до мај, а на луѓето им е дозволено да одат надвор само за работа, образование и купување лекови или во случаи кога е потребна помош за стари лица и деца. Во Шпанија веќе е во сила забрана за патници од Велика Британија, а ограничувања има и за патници од Бразил и Јужноафриканската Република. Сите над шест години мора да носат маска во јавниот превоз, како и на јавни места. Маските се задолжителни во повеќето региони и на отворени простори. Интересно е дека во овој момент во Ирска се вратени мерките за најстрога блокада. Строгите мерки ќе бидат во сила барем до 5 март. Во земјата нема излегување од дома, освен за одење на работа, училиште и за други суштински причини. Вежбањето е дозволено, но само во радиус од пет километри од дома. Забрането е дружење во куќи. Свадбите се ограничени на шест лица, а погребите на 10, пренесува Би-би-си.
Јужноафриканскиот сој пристигна на Балканот
Паралелно на случувањата во Европа со зголемениот нов бран на инфекции од коронавирусот, балканските медиуми, пак, јавуваат дека јужноафриканскиот сој од вирусот веќе пристигнат и во регионот. Според хрватски „Индекс“, заразени лица од овој сој веќе беа регистрирани во Словенија и во Хрватска, кои, пак, одлучија да ги олабавуваат мерките. Србија, каде што бројот на новозаразени лица е над 3.000 на ден, воведе построги мерки викендов, во обид да се спречи ширењето на вирусот.