Криминалните организации ширум светот сметаа дека апликацијата за пораки „АНОМ“, која може да се користи само на специјално направени мобилни телефони, е безбедна алатка за шифрирана комуникација, простор каде што тие без страв од откривање ќе можат да ги дискутираат нивните заговори и злосторства далеку од очите на законот. Но, речиси три години, криптираната апликација била потајно следена од Федералното истражно биро (ФБИ) и од Австралиската федерална полиција (АФП), што резултираше со стотици апсења и десетици милиони долари запленети средства, пренесуваат светските медиуми.
Во операцијата наречена „Ајронсајд“, уаспени се 224 осомничени за повеќе од 500 обвиненија и запленети се 3,7 тони дрога и речиси 35 милиони долари. Голем број од обвинетите се поврзани со италијанска мафија со седиште во Австралија, забранети моторџиски банди, азиски синдикати за криминал и албански организиран криминал.
„АНОM“ може да се најде само на телефони купени преку црниот пазар, на кои нема опција за вршење повици или за праќање електронска пошта. Ваквите телефони можат да се набават само преку други криминалци, кои гарантираат за нивниот интегритет. Криминалците не користеле кодови или псевдоними на оваа апликација и отворено ги дискутирале злосторствата, бидејќи сметале дека нивната комуникација е безбедна.
Откако едно лице, кое припаѓало на австралиското подземје, започнало да споделува телефонски броеви што ги содржела апликацијата како безбедно средство за комуникација, полицијата можела да ги следи нивните пораки. Бандите верувале дека системот е безбеден, бидејќи телефоните, како што сметале тие, немале други опции, не се вчитувале функции на глас или камера, а апликацијата била шифрирана.
Според судските документи објавени од американската влада, апликацијата АНОМ била дадена на агентите на ФБИ од страна на креаторот, чиј идентитет не е откриен, а кој ја создал за да се натпреварува на пазарот за шифрирани комуникациски платформи. Тој тоа го сторил за да добие намалување на казната за обвиненијата со кои се соочувал.
Оваа операција не е прва во која криминалците се измамени од службите. Ширум светот, криминалците, почнувајќи од сомалиските пирати па до кинеските фалсификатори, станаа жртви на внимателно подготвувани лажни сценарија, за кои честопати се потребни долгогодишни планирања.
Еден случај е фокусиран на создавање на лажен документарен филм за сомалискиот пират Мохамед Абди Хасан, на кого во 2013 година му пристапила филсма екипа од Белгија заинтересирана за неговите морски авантури. Се верува дека Хасан стоел зад киднапирање на белгиски брод неколку години порано. Откако го намамиле да дојде во Брисел, тој бил уапсен и осуден на 20 години затвор.
Друг интересен случај е „Лажната венчавка“ на луксузна јахта во 2015 година, во близина на брегот на Атлантик Сити во САД. Младоженецот и невестата, кои криминалците ги познавале со години наназад, всушност биле тајни агенти на ФБИ. Венчавката била кулминација на акцијата за апсење на членови од меѓународен криминален синџир со седиште во Кина, виновен за шверц на дрога, цигари и оружје, како и фалсификување на американски долари. На венчавката биле уапсени 95 членови од криминалната банда.
Една од најуспешните вакви тајни операции доведе до апсење на над 100 криминалци во областа на Вашингтон. На криминалците им биле понудени влезници за лажен фудбалски натпревар. За операцијата да биде успешно изведена, бил создаден и лажен телевизиски канал, наречен „Флагшип Интернешнал Спортс ТВ“, а криминалците биле поканети на забава пред да започне натпреварот, каде што полицајци, облечени како навивачи, ги поздравувале и гушкале криминалците во обид да почувствуваат дали на себе носат оружје. Се смета дека оваа тајна операција е една од најуспешните од ваков вид во САД. В.Т.