Фото: srbija.gov.rs

Владата на Србија и руската државна корпорација Росатом потпишаа рамковна спогодба за изградба на Центар за нуклеарни технологии и Договор за основање заедничко претпријатие кое ќе го реализира овој проект на територијата на Србија.

Договорите предвидуваат во следните три години во Србија да се изгради Центар за нуклеарна медицина базиран на комплекс циклотрон и капацитети за производство на радиофармацевтски производи.
– Ова е историски ден во односите меѓу Србија и Русија. Потпишавме договори со кои Србија се враќа на картата на европските земји кои имаат капацитет за научно истражување во областа на нуклеарните технологии – рече Ненад Поповиќ, министер во Владата на Србија задолжен за иновации и технолошки развој.

Тој оцени дека со новиот проект ќе се подигне подготвеноста на Србија во областа на медицината, науката, истражувањето и додаде дека веќе има барања од соседните земји да ги искористат капацитетите на Центарот за нуклеарни технологии заедно со научници од Србија.

– Во рамките на нашето заедничко вложување со српската страна ќе започне современо производство на радиофармацевтски препарати за дијагноза и третман на различни болести. Ова значително ќе придонесе за развој на напредната нуклеарна медицина во Србија и во целиот регион – додаде Евгениј Пакерманов, претседател на руската компанија „Росатом Оверсиас“.
Проектот бил договорен за време на посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Србија.

– Радиофармацевтскиот комплекс и Центарот за нуклеарна медицина ќе направат прифатлива високотехнолошка медицинска нега за граѓаните на Србија, чија цел е првенствено решавање на проблемите во борбата против онколошките болести – рече извршниот директор на Росатом Алексеј Лихачев.

Во идниот центар ќе се применуваат најнапредните технологии како што се производство на радиоизотопи кои се користат за медицински и индустриски цели, производство на легиран силициум за индустријата, обезбедување услуги за утврдување на елементарниот состав на руди и минерали, како и примероци од животната средина.