Поранешниот стратег на американскиот претседател Доналд Трамп и идеолог на алтернативната десница во САД, Стив Банон, кој своевремено планираше да создаде паневропско популистичко движење со седиште во Брисел, заврши неславно, со лисици на рацете, соочувајќи се со обвинувања за измама. По неговото апсење, Банон се појави преку видеоврска на сослушување во суд на Менхетн, пренесуваат американските медиуми.
Тој вчера беше уапсен на јахта на брегот на американската сојузна држава Конектикат од страна на федерални агенти кои го однесоа во Њујорк каде што беше обвинет за организирање на измама на донатори во кампањата која собра 25 милиони долари за изградба на ѕидот на претседателот Доналд Трамп на границата со Мексико. Деталите на обвинението прикажуваат вчудовидувачки комична измама. Во неа биле вмешани четири лица кои лажеле дека не земале ниту цент од собраните пари за ѕидот. Банон, наводно присвоил повеќе од милион долари, додека главниот организатор, поранешниот ветеран на воздухопловните сили Брајан Колфаџ, е обвинет дека искористил дел од парите за да купи брод, што бил забележан на неодамнешната парада на бродови организирана од Трамп на Флорида.
Еден од адвокатите на Банон пред судот ја истакна невиноста на неговиот клиент. Судот одреди кауција од пет милиони долари, од кои обвинетиот мора да плати 1,7 милиони долари во следните две недели за да излезе од притвор.
Банон остана поддржувач на Трамп и по напуштањето на Белата куќа пред три години. Но демократската партија и противкандидатот на Трамп на претстојните претседателски избори во САД, Џо Бајден, не сакаа да го искористат апсењето да стекнат политички поени, како што тоа е вообичаена практика во кампањите. Бајден само кратко изјави „Не беше потребно федерално обвинение за да знаеме дека Банон е измамник“. Претходно, Трамп се дистанцираше од напорите за изградба на ѕидот, и покрај тоа што неговиот син Доналд Трамп помладиот одржа говор на настан за собирање средства за изградбата.
По завршувањето на краткото сослушување, Банон пред новинарите рече дека „целото фијаско е со цел да се спречи изградбата на ѕидот“.
Тој сега се соочува со 20 години во затвор, а не така одамна имаше големи планови. Во интервју со „Дејли бист“ во 2018 година, Банон порача дека планира „десничарска револуција“ во Европа и дека ќе основа фондација наречена „Движењето“, чија цел е да му парира на „Отворено општество“ на мултимилијардерот Џорџ Сорос. Цел на Фондацијата требаше да биде помагањето на сѐ повеќебројните екстремно десничарски партии во Европа, преку анкети, советувања за кампањи и анализа на податоци. Поранешниот директор на екстремно конзервативниот „Бреитбарт“ имаше амбиција да создаде широка коалиција на популисти во составот на ЕП кој беше биран во мај минатата година. Банон е близок со лидерката на француската десница Марин Ле Пен, унгарскиот премиер Виктор Орбан, Британецот Најџел Фараж и други „алтернативни десничари“ во Европа.
Иако многу ултрадесничарски партии остварија значаен напредок и се наметнаа како постојани фигури на европската политичка сцена, сепак не се случи очекуваниот голем десничарски бран на Банон. М.Ж.