Во најсмртоносниот поединечен напад, откако на почетокот на неделава избија судири со Хамас во Газа, загинале две жени и осум деца, пренесува агенцијата АП, а од урнатините е спасено само петмесечно бебе. Палестински извори наведуваат дека машкото бебе било пронајдено покрај телото на неговата мајка и дека е брзо пренесено во блиската болница.
Вчера беа организирани палестински протести на окупираниот Западен брег, каде израелските сили отвориле оган и убиле 11 лица. Спиралата на насилство предизвика страв од нова палестинска „интифада“ или бунт во време кога со години немаше мировни преговори, наведува АП.
Палестинците денес треба да го одбележат Денот Накба (катастрофа), кога се сеќаваат на 700.000 луѓе кои избегале или биле протерани од своите домови во денешен Израел, за време на војната во 1948 година, после која беше создадена еврејската држава.
Американскиот дипломат Хади Амр вчера пристигна во Израел како дел од напорите на Вашингтон за деескалација на конфликтот, а Советот за безбедност на Обединетите нации треба да се состане в недела.
Тел Авив потврди дека од понеделник до денес од Газа биле лансирани околу 2.300 ракети и дека околу 1.000 биле пресретнати од против-воздушната одбрана, а 380 паднале на палестинската територија. Израелската војска во возвратни напади, врши гранатирање на појасот Газа.
Најмалку 136 лица се убиени во израелските напади од понеделникот, меѓу кои и 34 деца и 21 жена, а 950 се повредени, соопштија палестинските медицински служби.
Меѓу осумте загинати, колку што досега потврдија во Израел, освен војниците кои загинаа на границата со Газа, има и шест цивили, меѓу кои и две деца, објавија израелските власти.