Во последната експедиција во Виетнам откриено е дека најголемата пештера во светот, Шондонг, всушност е дури и поголема од што досега се мислеше, објавува Си-ен-ен.
Минатиот месец, трио британски нуркачи кои учествуваа во спасувањето на заробениот фудбалски тим во пештерата Там Луанг, во Тајланд минатата година, се впуштиле во националниот парк Понг-На-Ке-Банг, во џунглестата провинција Кванг Бин во централен Виетнам, да ги истражат водните патишта на пештерата.
За време на револуционерното нуркање тие откриле нов подводен тунел кој ја поврзува пештерата Шондонг со уште една огромна пештера наречена Ханг Тунг.
Големината на Шондонг моментално изнесува 38,5 милиони кубни метри. Кога официјално ќе се поврзе со Ханг Тунг, ќе ѝ бидат додадени дополнителни 1,6 милиони кубни метри волумен.
– Ова откритие е како пронаоѓање грутка на врвот на Монт Еверест, кој ќе го направи овој врв илјада метри повисок. Која било пештера во светот ќе може комотно да се смести во внатрешноста на Шондонг кога ќе се поврзат овие две пештери. Едноставно ќе ѝ нема рамна – изјавил Хавард Лимберт, техничкиот советник на Кванг Бин за Си-ен-ен Травел.