Авганистанската власт остана глува на предупредувањата на САД дека националната војска поради нискиот морал во нивните редови нема „сила“ да им се спротивстави на талибанците, кои за неколку дена ја освоија целата територија

Претседателската палата во Кабул им е предадена на талибанците, а неколку часа пред ова „примопредавање“ на власта, зградата ја напуштија последните владини службеници, меѓу нив и поранешниот претседател Ашраф Гани, кој емигрира од земјата. Американските сили ја презедоа контролата врз аеродромот во Кабул, додека очајните жители се обидуваат да избегаат од градот по враќањето на талибанците, кои го освоија целиот Авганистан за само десетина дена. Војската ја обезбеди локацијата и го контролира воздушниот сообраќај, со цел да се евакуираат Американците и нивните сојузници.
Откако талибанците влегоа во Кабул, голем број жители се упатија кон аеродромот за да ги фатат последните комерцијални летови од градот. Американски официјални лица потврдија дека процесот на евакуација се одвивал анархично, а војниците во еден момент испукале предупредувачки истрели во воздух за да го смират хаосот и да ги спречат Авганистанците да се стрчаат на пистата и да влезат во воен авион.

Корупцијата во авганистанскиот систем

Американски функционер изјави дека американските дипломати со воени хеликоптери се префрлаат на аеродромот во Кабул, каде што ќе останат колку што е можно подолго, имајќи ги предвид безбедносните услови.
Има безброј реакции во светот по падот на власта во Кабул, кои сечилото на критиката го насочуваат кон американската администрација предводена од претседателот Џо Бајден. Но независни аналитичари го гледаат проблемот во Авганистан од многу поодамна.
На пример, во анализата на хрватски „Јутарњи лист“ за тоа зошто толку брзо паднал Кабул, се потсетува на неколку клучни точки. Имено, најпрвин дека за Авганистан постоеше јасно дефиниран план на ОН за обнова и изградба на подемократско општество. Значи од меѓународноправен аспект, тоа беше проект на меѓународната заедница, врамен во процедура и акти на ООН. Второ, медиумот потсетува на фактот дека американската воена операција во Авганистан во 2001 година доби речиси едногласна поддршка од целиот свет, па и од рускиот претседател Владимир Путин. Но за разлика од споменатото, а тесно поврзано со истото тоа, одлуката да се тргне во интервенција во Ирак, донесена од администрацијата на Џорџ Буш и на потпретседателот Дик Чејни, немаше поддршка од ООН и доживеа крах, што доведе до создавање нови терористички закани од исламските држави, Сирија, Либија и Ирак. Во врска со таквиот потег на САД и последиците што создадоа нови терористички жаришта на кои мораше да се насочи САД, создаде маневарски простор на талибанците за нивна ревитализација и регрупирање.
Овој процес траеше паралелно со формирањето на институциите на извршната власт во Кабул, кој исто така заврши неславно, но не по вина на Американците или другите странци, туку поради авганистанските лидери. Токму тие авганистански лидери брзо ја научија лекцијата дека можат силно да се збогатат, користејќи го нивното влијание, како и нивните новостекнати позиции и функции. Во земјата завладеаја корупција и целосна негрижа за случувањата на просторот надвор од Кабул и другите поголеми градови.

Многугодишна незаинтересираност на власта во Кабул да направи функционална држава

Првиот претседател Хамид Карзаи беше воодушевен од приемот во советската метропола, го зборуваше тоа што сакаат да го слушнат западните дипломати, додека дома се однесуваше како апсолутен владар. По два мандата се обиде да ги спречи регуларните претседателски избори, на кои на крајот победи Ашраф Гани, а неговиот политички конкурент Абдулах Абдулах стана втор човек во хиерархијата. Планот на ООН предвидуваше во еден период да се повлечат странските актери, а проектот да продолжи преку локалните власти. Талибанскиот успешен блицкриг е примарно последица на незаинтересираноста на власта во Кабул да се посвети на изградбата на функционална држава. Меѓународните сили систематски го намалуваа својот ангажман и тоа создаде вакуум во кој влегоа и слободно „на налани се прошетаа“ талибанците.
Авганистанската власт остана глува на предупредувањата на САД дека националната војска поради нискиот морал во нивните редови нема „сила“ да им се спротивстави на талибанците. Затоа останаа во шок кога Џо Бајден одлучи да ги повлече американските војници, порачувајќи им на авганистанските лидери „да се грижат за себе“, затоа што дваесет години на меѓународно присуство не беа доволни да се изгради систем. Талибанците сега се пред најголемиот предизвик дали ќе можат да ја одржат власта во новопрогласената Исламска Република Авганистан.


Меркел: Имаме домино-ефект

Минуваме низ тешки часови, сега мора да се фокусираме на спасувањето, порача германската канцеларка Ангела Меркел за ситуацијата во Авганистан.
Канцеларката истакна дека одлуката за повлекување од Авганистан е донесена од Вашингтон и додаде дека одлуката била донесена и од внатрешнополитички причини.
– Дојде до домино-ефект по повлекувањето на силите – заклучи Меркел во првата изјава поврзана со Авганистан.
Таа се осврна и на можниот бран бегалци од Авганистан, додавајќи дека сега од талибанците и од ситуацијата на границите зависи дали Авганистанците ќе можат да ја напуштат својата земја.


Македонските државјани почнаа безбедно да се евакуираат

Министерството за надворешни работи на Македонија соопшти дека во Авганистан сѐ уште има околу сто наши државјани, но засега сите се на безбедни локации. Од МНР велат дека се јавиле неколку граѓани што имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување. Додаваат дека компаниите што имаат ангажирано наши работниците имаат резервирано сопствени летови за евакуација, а некои се веќе префрлени во некои од соседните земји.
Имајќи ја предвид сериозно влошената безбедносна ситуација во Исламската Република Авганистан, Министерството за надворешни работи во соработка со стратегискиот партнер САД, како и другите НАТО-сојузници, презема активности за безбедното напуштање на земјата од страна на заинтересираните странски државјани што во моментов се наоѓаат таму, како и на жителите на Авганистан што сакаат да ја напуштат земјата.
Во меѓувреме, дел од граѓаните на Куманово кои преку странски фирми беа ангажирани во Авганистан се на безбедно и треба да пристигнат дома.
Тие веќе стапиле во контакт со своите најблиски и информирале дека се добро.


Талибанците – „студенти“ на строгиот ислам

Талибанците првпат се појавиле во верските училишта што ги финансираше Саудиска Арабија и тие спроведоа строга верзија на шеријатот, спроведуваа тврдата струја на исламот и воведоа брутални казнувања. Според нивните исламски правила, мажите мораа да носат бради, а жените да носат бурки што ќе им го покриваат целото тело. Забрануваат телевизија, музика и кино, а не го одобруваат и образованието на жените. Талибани на паштунскиот јазик значи студенти, се појавиле во почетокот на 1990 година во северен Пакистан, по повлекувањето на советските трупи во Авганистан. На почетокот најавија дека ќе се борат против корупцијата и ќе ја подобрат безбедноста во земјата во време кога многу Авганистанци беа уморни од разузданоста и меѓусебните судири на муџахедините во текот на граѓанската војна.
Од југозападен Авганистан, тие брзо го шират своето влијание. Во септември 1995 година ја зазеле покраината Херат, а една година подоцна го освојуваат и главниот град Кабул, симнувајќи го од власт претседателот Бурханудин Рабани, кој е основоположник на авганистанските муџахедини, кои се спротивставуваа на советската окупација. До 1998 година талибанците контролираа 90 отсто од Авганистан. Биле обвинувани за различни кршења на човековите права и културолошки уништувања. Во 2001 година ја уништија познатата скулптура на Буда во Бамијан, централниот дел на Авганистан. Многумина припадници на оваа милитантна групација посетувале верски училишта во Пакистан. Стануваат закана и за пакистанските локални власти, а во 2012 година се обидоа да ја убијат пакистанската ученичка Малала Јусуфзаи, која по заздравувањето стана активистка за правата на жените, а во 2014 година ја доби Нобеловата награда за мир.
По нападите на 11 септември 2001 година во Њујорк и во Вашингтон, САД почнаа со авионски напади на Авганистан. Првата недела од декември беше урнат талибанскиот режим. По американско-талибанскиот мировен договор во 2020 г., се чини дека талибанците ја менуваат тактиката и одбираат цели за нивните напади, а тоа се новинари, судии, мировни активисти, жени на позиции… Според процените на НАТО, талибанците имаат околу 85.000 борци. Нивните активности се финансираат од продажба на дрога, со оданочување на луѓето што патуваат преку нивната територија и во бизнисите како што се телекомуникациите, електричната енергија и минералите.


Џонсон: Без признавање на власта

Никој не смее да ги признае талибанците како влада на Авганистан, рече британскиот премиер Борис Џонсон на 15 август, додавајќи дека е јасно дека наскоро ќе има нова администрација во земјата.
– Не сакаме некој билатерално да ги признае талибанците. Сакаме обединета позиција околу ова прашање – рече Џонсон, кој го повика парламентот од летната пауза за да разговара за ситуацијата во Авганистан.
– Јасно е дека наскоро ќе имаме нова власт во Кабул и важно е земјите од Западот да работат заедно, а тие што ќе ја водат државата, талибанците или некој друг, да не го претворат Авганистан во место за обука на терористи – изјави британскиот премиер.