Ким Јонг-ун „планира голема операција со која ќе го остави светот воодушевен“ откако пронајде инспирација за време на јавањето со коњ на врвот од најсветата планина во Северна Кореја, објавија севернокорејските државни медиуми, а пренесува „Гардијан“.
Во серијалот фотографии објавен од државната агенција „КЦНА“ Ким Јонг-ун е прикажан како јава голем бел коњ преку снежните предели и шуми на планината Паекту.
– Сведочејќи ги големите моменти на неговото размислување на врвот на планината Паекту, сите официјални лица кои го придружуваа се убедени преку излив на емоции и радост дека ќе има голема операција која повторно ќе го остави светот во чудо и ќе направи чекор напред во корејската револуција – соопшти „КЦНА“.
Останува нејасно што би вклучувала операцијата, но севернокорејскиот лидер честопати оди на светата планина кога треба да донесе важни политички одлуки.
Аналитичарите наведуваат дека симболиката на настанот го претставува спротиставувањето на Северна Кореја на меѓународните санкции воведени поради нејзиното нуклеарно оружје и ракетни проби. Актуелна е и теоријата оти Северна Кореја планира наскоро да изведе лансирање на ракета во вселената, што треба да ја прикаже нејзината економска моќ и технолошки развој.