Вилијам Брајан (50) кој го сними фаталното застрелување на Ахмад Арбери е уапсен под сомнение за убиство, соопшти Истражното биро на американската сојузна држава Џорџија (ГБИ), пренесува Си-ен-ен.
Брајан беше сведок на смртоносната пресметка помеѓу осомничениот Тревис Мекмајкл и Арбери на 23 февруари, снимајќи ја од неговото возило. Грегори Мекмајкл, синот на Тревис, ѝ кажал на полицијата дека Брајан се обидел да им помогне да го запрат Арбери, според полицискиот извештај.
Адвокатот на Брајан тврди дека неговиот клиент не сторил никакво криминално дело. Тој посочи дека Брајан работел во својот двор кога забележал како возило што го препознал од соседството го бркало Арбери.
– Се надевам дека снимката, на крајот, ќе донесе правда и мир за семејството – кажа Брајан во неодамнешен разговор за Си-ен-ен.
Адвокатите што го застапуваат семејството на Арбери бараа Брајан да биде уапсен уште од почетокот на процесот.
– Баравме негово апсење уште од почетокот на процесот. Неговата вклученост во убиството беше очигледна за нас, за многумина ширум земјата, а по истрагата и за ГБИ – истакнаа правните застапници.
Брајан ќе биде спроведен во окружниот затвор на округот Глин каде што веќе се наоѓаат осомничените Тревис и Грегори МекМајкл.
На видеоснимката во траење од 36 секунди се забележува како Арбери кружи околу камионетот на таткото и синот МекМајкл пред да се сврти кон вооружениот Тревис со кого почнува да се бори за неговата пушка. Арбери потоа беше застрелан трипати. Снимката на Брајан беше објавена по 10 недели од убиството и го поттикна апелот за апсење на Тревис и Грегори МекМајкл.
Арбери беше застрелан додека џогирал на 23 февруари. На 6 мај, властите соопштија дека поранешниот полицаец Грегори МекМајкл (64) и неговиот син Тревис МекМајкл (34) се уапсени поради наводна поврзаност со смртта на Арберери. Двајцата осомничени беа обвинети за „убиство и насилен напад“ и однесени во притвор.
Според известувањето на „Њујорк тајмс“, Грегори МекМајкл ѝ кажал на полицијата оти го забележал Арбери како трча и помислил дека тој е вмешан во провалите кои се случувале во близина. МекМајкл потоа го повикал синот да му помогне да го пронајдат Арбери. Тие набргу земале оружје и влегле во нивниот камионет да го бараат Арбери, а кога го стигнале, при соочувањето помеѓу жртвата и осомничените дошло до расправија и биле испукани два истрела од огнено оружје се наведува во извештајот. Тревис е осомничен дека го застрелал Арбери, како што известува Си-ен-ен, додавајќи дека кога Грегори се расправал со Арбери, тој го нападнал неговиот син, а овој го застрелал. Адвокатите на осомничените соопштија дека „набргу ќе се дознае вистината што ќе ги ослободи нивните клиенти“.