Багдад утринава се разбуди со глетка што не ја видел со години, во која улиците на главниот град на Ирак беа прекриени со снег, што се случува првпат по 2008 година, пренесува „АП“. Децата си играа во парковите, жителите на Багдад правеа селфи-фотографии, а се чини дека снегот барем накратко го смири и незадоволството во државата.
Ирак се соочува неколкумесечни немири, започнувајќи со антивладиното протестно движење што ја зафати земјата во октомври минатата година, се до убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во Багдад во јануари, што го донесе регионот на работ на војна во услови на зголемени американско-ирански тензии.
– Фала му на Бога што утрово заврна снег. Атмосферата е убава. Луѓето се многу среќни – изјавил еден од учесниците на протестите.
Демонстрантите ги чистеа снегулките од нивните шатори поставени на централниот градски плоштад „Тарир“, кој претставува средиште на протестното движење.
Врнежите од снег се вообичаени во планинскиот северен регион на Ирак, но многу ретки во Багдад.