По пукањето во салоните за масажа во Атланта, во кое беа убиени осум жени, од кои шест беа со азиско потекло, федералната и локалните агенции за спроведување на законот во САД се под притисок да ги зголемат нивните напори за борбата против злосторствата базирани на расна основа против азиско-американската заедница, пренесува „Гардијан“.
ФБИ и другите агенции за закон се соочуваат со критики за нивото на пријавување на злосторства од омраза кои остануваат ниски, и покрај неколкуте обиди на Конгресот да го истакне овој проблем.
Лидерите на азиско-американската заедница тврдат дека дискриминацијата, насилството и вознемирувањето со кои се соочува нивната заедница продолжуваат да се минимизираат и да бидат запоставувани.
– Требаше да се случи громорозно убиство на шест жени од азиско потекло за вниманието да се насочи кон проблемот. А сето тоа поради неводењето евиденција за злосторствата од омраза кон азиските Американци – вели Сунг Јеон Чоимороу, извршен директор на Националниот форум на жени во Азија и Пацифичка Америка.
Во најновата статистика на ФБИ за злосторства од омраза за 2019 година, идентификувани се вкупно 4.930 жртви каде што мотив биле нивната раса или етничката припадност. Ваквите податоци не се веродостојни, бидејќи дури 90 отсто од агенциите за правда не пријавуваат злосторства од омраза, вклучително и за азиските Американци.
– Немаме чиста слика и податоци за вистинската бројка на злосторства од омраза во САД. ФБИ може да ви каже колку кражби на банки имало минатата година, но не и колку злосторства се сторени поради дискриминација и расизам – објаснува Мајкл Герман од Центарот за правда во Бренан, кој во 90-тите години на минатиот век работел како прикриен агент на ФБИ и се инфилтрирал во ултрадесничарски групи.
Вистинската мотивација за пукањето во салоните за масажа во Атланта останува нејасна, а некои извештаи сугерираат дека нападот можеби бил мотивиран врз сексуална наместо врз расна основа.
Американскиот претседател Џо Бајден за време на неговата прва недела на функцијата потпиша извршна наредба наменета за борба против расизмот и ксенофобијата насочени против азиско-американската заедница. Со наредбата, исто така, беше наложено американскиот државен обвинител, Мерик Гарланд, „да го прошири собирањето на податоци и јавното известување за инциденти направени на расна основа и омраза“.
– По престрелките во Атланта, одделот за правда ќе биде во центарот на вниманието. Гарланд ќе биде ставен под голем притисок да направи повеќе. Јавноста е загрижена за злосторствата од омраза и значителното влијание на насилството врз азиската заедница во САД – рече Герман.