Новиот коронавирус од кој досега се заразија илјадници луѓе, за кратко време излезе надвор од границите на Кина и стави под карантин неколку области од земјата, сѐ уште нема свое соодветно име.
Наречен едноставно коронавирус поради тоа што припаќа на истоимената група вируси, името му беше дадено поради шилците во форма на круна кои се гледаат под микроскоп. Во краток период, вирусот беше нарекуван и 2019-нЦоВ, што се покажа како несоодветно и мачно за изговор. Со цел да го разликуваат, научниците го нарекоа „новиот коронавирус“.
– Именувањето на нов вирус честопати е одолговлекуван процес поради главниот приоритет за време на епидемија, а тоа е здравјето на граѓаните – вели Кристал Ватсон, од Центарот за здравство „Џонс Хопкинс“.
Меѓутоа, благодарение на социјалните мрежи ширум светот, голем дел луѓе почнаа да го нарекуваат и „кинески вирус“, што логично, создава одбивност, страв и дискриминација кон кинеската популација.
Задачата за официјално именување на вирусите му припаѓа на Меѓународниот комитет за таксономија на вируси. Именувањето вируси досега се покажа како проблематичен и честопати дискриминирачки процес. По именувањето, настануваат и проблемите.
Како пример може да се земе вирусот Х1Н1, кој беше наречен свински грип. Ова именување беше причина за Египет да нареди колење на сите свињи, иако свињите не беа преносители на вирусот, туку луѓето.
– Одредени имиња на болести предизвикуваат реакции против припадниците на одредени верски или етнички заедници, креираат бариери за патување и трговија и предизвикуваат непотребно колење на животните – се вели во соопштението на Светската здравствена организација.
СЗО исто така го критикуваа и именувањето на „Репсираторен синдром на Блискиот Исток“ во 2015 година.
Според СЗО, името не треба да содржи географски локации, имиња на луѓе, имиња на животни, како и референци за одредена култура или индустрија. Името треба да биде кратно, но описно, како што беше именуван вирусот САРС.
Тимот за именување работеше две недели на изнаоѓање решение за името на новиот коронавирус, а поминаа два дена во носење на одлуките. Тие ги доставија одлуките и се надеваат дека името ќе биде објавено во текот на наредните денови.