Јачината на ураганот Флоренс се намали на категорија еден, но неговиот обем подразбира оти би можел да удира во источниот брег на САД со силни ветришта во текот на еден цел ден, пренесува американската телевизија Си-ен-би-си.
Силни дождови, ветришта и поплави ги зафатија сојузните држави Северна и Јужна Каролина, откако силната бура се доближи до крајбрежјето, претставувајќи закана за милиони луѓе.
Флоренс ослабна до категорија еден со што неговата брзина на движење се намали на девет километри на час, но неговата големина и натаму претставува значителна опасност, според метеоролозите.
Гувернерот на Северна Каролина Рој Купер порача оти „историскиот“ ураган ќе донесе дождови и поплави кои ќе ја поплават безмалку целата држава. Метеорологот Брендон Локлир, пак, истакна дека во Северна Каролина ќе има количество на дожд еднакво на врнежи од осум месеци, во текот на период од два-три дена.
Северна Каролина презема итни мерки во пресрет на ураганот, a се очекува милиони жители да останат без електрична енергија со доаѓањето на бурата.