Порака на Горбачов до идниот претседател на САД
Поранешниот претседател на Советскиот Сојуз Михаил Горбачов го повика идниот победник на претседателските избори во САД да се состане со Владимир Путин без одлагање.
Поранешниот советски лидер изрази страв дека трката со нуклеарно вооружување може да излезе од контрола, објави „Тајмс“.
– Ситуацијата е многу загрижувачка. Без оглед на резултатот од изборите, треба да го обновиме дијалогот за да излеземе од сегашната замрзната состојба. Потребен е силен импулс од претседателите на двете земји – рече Горбачов.
Тој исто така смета дека Русија и САД треба да организираат „втор Рејкјавик“, алудирајќи на својата средба со Роналд Реган во Исланд во 1986 година.
– Односите меѓу Советскиот Сојуз и САД беа многу покомплицирани во средината на 80-тите години отколку денес. Сепак, тогаш успеавме да најдеме излез со помош на доверба, разбирање и градење меѓусебни односи – истакна поранешниот советски претседател.
Тој истакна дека е особено загрижен за американските планови за производство на ново нуклеарно оружје.
Претседателските избори во САД се закажани за 3 ноември. Актуелниот американски претседател Доналд Трамп се кандидира за втор мандат, а негов главен противкандидат е Џо Бајден – демократски кандидат.