Европа конечно треба да развие кохезивна политика што ќе им даде надеж на Сиријците и на другите уништени држави на Блискиот Исток дека тие не се проблем по регионалната и меѓународната безбедност. Во спротивно, без поддршката на ЕУ и на САД за регионот, тој повторно би можел да биде изложен на тероризам и радикализам што не е добро за глобалната безбедносна слика
Каква улога треба да одигра Европа на Блискиот Исток
Како што војната во Сирија постепено се ближи кон болен крај, судбината на државата е под влијание на најголемите регионални и меѓународни сили, а Европа, секако, не е меѓу нив. Ова е еднакво погубно и за Сиријците и за Европејците. Од бегалската криза до насилниот екстремизам, Европа го почувствува влијанието на сириската граѓанска војна повеќе од кој било друг во регион покрај Блискиот Исток. Доколку сега Европа и САД не му дадат вистинска поддршка на регионот, тој би можел повторно да биде изложен на тероризам и радикализам што не е добро за глобалната безбедносна слика. Ова, меѓу другото, го наведува магазинот „ЕУ обзервер“ во своја анализа каде што пишува дека државите од Европската Унија (ЕУ) практично сега немаат никакво влијание врз официјалните политики во однос на Сирија. Магазинот посочува дека дури и она мало влијание на политики што отсекогаш постоело сега се поврзува единствено со САД, но не и со ЕУ.
– Но глобалните политики и едноставно само географијата покажуваат дека европските и американските интереси не секогаш се идентични. Во суштина, Сирија е многу поблиску до Европа за разлика од САД, а огромниот број Сиријци се упатија како бегалци токму во Европа. Кога екстремизмот почна да се шири во Сирија, за многу кратко време тој успеа да се прелее во европските држави – наведува „ЕУ обзервер“.
Дамаск оставен сам на себе
Бриселскиот медиум посочува дека поранешниот американски специјален пратеник Џејмс Џефри најдобро ги карактеризира американските ставови кон Сирија, со тоа што смета дека нивната „цел била војната да ја претворат во хаос за Русија“. Последиците од политиките чија единствена цел е да ја потиснат Русија претставуваат дополнителна катастрофа за Сиријците, кои се најдоа во вкрстениот оган на геополитиката. Целиот овој развој на настаните, според медиумот, придонесе за растот на сиромаштијата, гладот, неписменоста, трговијата со наркотични средства и луѓе каде што во комбинација со радикализмот Сирија сега се претвори во земја на „хаосот“.
Европа засега без стратегија
Во таа насока доколку Европа сака да му помогне на сирискиот народ, најпрво таа треба да изгради своја стратегија за признавање на основните права на Сиријците како народ, а не како пиони во големата политичка игра. Таа мора да ги поддржи сириските политички групи што, всушност, ги почитуваат човековите права и современите вредности на слободата, и демократијата. Одлуките што би се донеле во Брисел не треба да се базираат на тоа дали тие ќе им наштетат на владите во Дамаск, Москва или во Техеран.
Во таа насока магазинот „Форин полиси“ на истава тема пишува дека сега ЕУ има идеална позиција да ја одигра улогата на катализатор во убедувањето на новата американска администрација на Бајден за бескорисноста на сегашната американска политика за Сирија, како и за нејзините негативни ефекти врз државата и регионот воопшто. Со тоа, како што наведува американскиот медиум, Европа ќе ги покаже неопходноста и итноста за постигнување политичка спогодба што ќе се базира на аспирациите на сирискиот народ за современа држава и средување на конфликтот засекогаш во земјата.
Исто така од клучно значење е ЕУ да им помогне на Сиријците да изградат демократска алтернатива на режимот што ќе ја штити Сирија од распад и ќе обезбеди Европа да има мирен, современ и демократски сосед. Така ќе се реализираат соништата од 2011 година и многу повеќе ќе внесат стабилност на Медитеранот, а со тоа и на Стариот Континент.