Индонезиските спасувачи и проноѓачи имаат „силни индиции“ дека регистрираниот подводен звук доаѓа од црната кутија на авионот „Лајон Ер“, кој завчера се урна со 189 патници и членови на екипажот, соопштија денеска воените власти.
Началникот на војската Хади Тјахјанто изјави дека нуркачите веќе заминале да ја проверат локацијата, но дека во тоа им пречат силните морски струи.
– Се надеваме дека ноќеска ќе можеме да фрлиме сидро и да спуштиме подводно возило со далечински управувач. Сигурен сум дека ќе ја најдеме црната кутија, имајќи ги предвид силните индиции и недалеку од таму трупот на авионот – рече Тјахјанто.
Директорот на индонезиската Агенција за спасување и потрага Мухамед Сјауги наведе дека на дното од морето се забележани остатоци од авионот и предмети на патниците.