Секои 24 секунди еден човек гине во сообраќајни несреќи ширум светот, вкупно 1,35 милиони годишно и тие несреќи сега се главна причина за смрт на децата и младите, објави денеска Светската здравствена организација(СЗО), барајќи глобален одговор.
Бројот на загинати изминатите три години нарасна за околу 100.000, а сообраќајните несреќи сега се главната причина за смртта на децата и младите на возраст од пет до 29 години, наведува организацијата при ОН во најновиот извештај.
– Овие умирања се неприфатлива цена за мобилноста – напиша во соопштението директорот на СЗО Тедрос Адханом Гебрејесус.
Според него, нема извинување за недејствувањето.
– Тоа е проблем за кој постојат решенија што веќе се користени – додаде Гебрејесус.
Извештајот на СЗО за безбедноста во сообраќајот, темелено на податоци до крајот на 2016 година, покажува дека ситуацијата се влошува. Во претходниот извештај во кој беше опфатен периодот до 2013 година, бројот на загинати во сообраќајни несреќи во светот се проценуваше на 1,25 милиони годишно.
Но, без оглед на зголемувањето на севкупниот број на загинати, стапката на смртност е стабилна бидејќи расте и бројот на луѓе и бројот на возила.
– Тоа сугерира дека напорите за безбедност во сообраќајот во некои просечно богати и богати земји ја ублажиле ситуацијата – оценува СЗО.
Тоа, во најголем дел е заради подобрите закони кои ги регулираат клучните ризици како пречекорувањето на брзината, возењето под дејство на алкохол, користењето на безбедносни ремени и детски седишта.
Подобрата инфраструктура, како изградба на тротоари и воведување на ленти за велосипедисти, како и построгите критериуми за техничка исправност на возилата, дадоа резултати.
Но, додека многу земји ги засилија напорите за подобрување на состојбата, многу сиромашни земји заостануваат.
Според извештајот на СЗО, ниту една сиромашна земја не успеала да го намали вкупниот број на загинати, а ризикот од загуба на животи во сообраќајни несреќи останува трипати поголем отколку во развиените земји.
Стапката на смртност е посебно висока во Африка во која гинат 26,6 лица годишно на секои 100.000 жители во споредба со 9,3 загинати на секои 100.000 Европјани. Европа е дел од светот со најмала стапка на смртност во сообраќајните несреќи.
Извештајот на СЗО фрла светлина на огромната негрижа кон најранливите во сообраќајот – повеќе од половина од загинатите во сообраќајните несреќи се пешаци или велосипедисти, односно мотоциклисти.
Во вкупниот број загинати, пешаците и велосипедистите чинат просечно 26 отсто(во Африка 44 отсто), додека возачите на мотоцикли и патниците на мотоциклите чинат 28 отсто од загинатите(во југоисточна Азија 43 отсто).